Skip to main content

„Осамена жена“ на Агњешка Холанд вечерва во Кинотека во рамките на неделата на полски филм

Вечерва, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, во рамките на неделата на полски филм, ќе биде прикажан филмот „Осамена жена“.

ОСАМЕНА ЖЕНА на Агњешка Холанд од 1981 година нуди суров и непретенциозен поглед на животот во последните децении од комунистичката Полска Народна Република: километарски редици за продавници, сиромаштија, застрашувачки недостаток на перспективи и меѓусебни неволји.

Филмот ја следи Ирена (Марија Хвалибог), самохрана мајка и поштенска работничка, чиј живот е обележан со сиромаштија, осаменост и општествена маргинализација. Преку нејзината приказна, Холанд создава мрачен портрет на општество во кое недостигот на перспективи, километарските редици за основни намирници и меѓучовечката отуѓеност се секојдневие.

Ирена е сложен лик чија борба за достоинство и љубов е срцето на филмот. Нејзиниот живот се врти околу напорната работа, грижата за младиот син и обидите да избега од осаменоста. Кога го запознава Јацек, пензиониран рудар инвалид, се чини дека ќе најде утеха, но Холанд не нуди лесни решенија. Филмот ја истражува динамиката на нивната врска со сурова искреност, прикажувајќи ја и надежта и трагедијата што произлегува од нивната поврзаност.

Ова е филм кој во својот директен критички однос кон комунистичка Полска единствено можел да се сними во времето на „Солидарност“ и краткото политичко затоплување во 1980-1981 година. Но, за жал, филмот беше повеќе години во бункер и својата премиера ја имаше дури во 1987 година.

Холанд нема за цел да го критикува главниот лик, туку да ја претстави ситуацијата на луѓето од маргините на општеството, како и Полската Народна Република која ги губи своите морални вредности.

Нејзината перспектива е лишена од евтин сентиментализам, а одличните изведби на Марија Чвалибог и Богуслав Линда го прават овој филм, еден од најтрогателните примери на социјален филм во историјата на полската кинематографија.

Визуелно, филмот е намерно суров, со сива палета и клаустрофобични кадри што ја нагласуваат безизлезноста на Ирениниот свет. Сценариото, напишано од Холанд и Мачеј Карпињски, е безмилосно во прикажувањето на општествените неправди, што доведе до забрана на филмот во Полска до 1987 година поради неговата социјална критика.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

ОСАМЕНА ЖЕНА

(A Lonely Woman / Kobieta samotna)

Игран филм, Полска

1987, 47 мин., колор, ДЦП

Режија: Агњешка Холанд (Agnieszka Holland)

Сценарио: Агњешка Холанд (Agnieszka Holland)

Улоги: Мариа Чвалибог, Богуслав Линда, Павел Вицак (Maria Chwalibóg, Boguslaw Linda, Pawel Witczak)

Поврзани вести