
Нешто пред 14 часот белгискиот аеродром „Брисел-Шарлроа“ повторно е отворен за сообраќај, откако претходно беа суспендирани сите летови по добиената закана за поставена бомба во авион на „Рајанер“, информира белгискиот јавен радиофифузен сервис ВРТ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, аеродромот е отворен за сообраќај по извршената безбедносна проверка на авионот на „Рајанер“, кој слетал од Португалија, при што не е пронајдена никаква експлозивна направа.
По добиената закана за бомба околу аеродромот беше прогласен „безбедносен периметар“ во должина од половина километар и беа откажани сите полетувања и слетувања, но не беше спроведена евакуација на патниците на аеродромскиот терминал.
– Денеска претпладне, кусо пред 11 часот, беше активирана закана за бомба во авион што слета на аеродромот „Шарлроа“. Околу авионот беше поставен безбедносен периметар, што наложи затворање на пистата и со тоа прекин на операциите. Надлежните органи ја презедоа контролата, соопшти претходно аеродромската администрација.
Администрацијата сега информира дека и покрај возобновениот авиосообраќај, во наредните часови можни се доцнења на некои летови.
Инаку, од аеродромот во Шарлроа летаат и авионите на релација Брисел-Скопје и обратно.