Skip to main content

За новата генерација работници, балансот меѓу приватниот и професионалниот живот е поважен од платата

Ирина Крстевска / Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“

Во атмосфера полна со иновативни идеи и енергија за промена, на 8 мај во Скопје, во хотелот „Холидеј Ин“ се одржа Форум на добри компании 2025, настан што собра влијателните лидери, експерти и креатори на промени од Балканот и Европа – за да дискутираат за еден од најголемите предизвици на современото работење: како да се создаде работна средина каде луѓето ќе се чувствуваат вреднувани, инспирирани и посветени.

Организиран од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, во партнерство со ГИЗ Македонија, Форумот отворено ја истакна потребата од трансформација на традиционалните бизнис модели. Во ера кога вработените повеќе не ги задоволува само финансиската сигурност, туку бараат смисла, припадност и можност за личен раст, компаниите кои не се адаптираат – ризикуваат да ги изгубат своите најдобри таленти, беше една од носечките пораки на Форумот.

Настанот го отворија Дејвид Оберхубер, директор на ГИЗ Македонија, заменик-министерот за труд и економија Марјан Ристески и Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“. Нивните наративи ја нагласија итната потреба од нов пристап кон управувањето со човечкиот капитал.

Денес се соочуваме со исклучително важен предизвик – како да ги задржиме најдобрите луѓе во услови на глобална конкуренција за таленти. Но, уште поважно, како да создадеме работни места каде секој ќе има шанса да се искаже, без разлика на потеклото или претходните искуства. Социјалното менторство е едно од решенијата – практичен модел кој веќе дава резултати на Балканот, истакна Оберхубер.

За Марјан Ристески, заменик министерот за економија и труд од голема важност е отворен дијалог со бизнис секторот, академската фела и граѓанскиот сектор во креирањето на економските политики, каде крајна цел е носење на квалитетни и одржливи решенија.

Големата миграција во странство и движењето на работната сила е предизвик со кој како општество и пазар се соочуваме и мораме да градиме политики со кои ќе ги мотивираме младите да останат во државата и активно да се вклучат во пазарот на труд. Овој форум се концентрира токму на овие теми, на соодветно менаџирање на човечките ресурси, преку обезбедување на конкретни стратегии за градење работна средина што задржува и мотивира таленти. Ова е од клучно значење за задржување на квалитетните работници во домашните претпријатија и компании, задржување на младите лица во Република Македонија, како и преку социјалното менторство за зголемување на можностите и пристапот до пазарот на труд на маргинализираните категории, нагласи Ристески на отворањето на Форумот.

Петтиот Форум на добри компании го стави фокусот на променливиот пазар на труд и предизвиците со кои се соочуваат бизнисите поради миграциите, недостигот на работна сила, флуктуацијата на вработени и одливот на мозоци, најави извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски.

Сите истражувања укажуваат дека платата може да го привлече работникот, но работната култура е таа што го задржува. Особено за новата генерација работници, балансот меѓу приватниот и професионалниот живот станува поважен од висината на платата, додека чувството на припадност на работното место е клучно за задржување на талентите. Искрено верувам дека оние фирми што ќе бидат успешни во наредната деценија, ќе бидат фирмите кои што ќе ги препознаат и имплементираат новите трендови – важноста на работната култура, различноста, инклузивноста, припадноста и вложувањето во човечкиот капитал, потенцира Илијевски.

Настанот вклучи и разговори за Културата на работното место како фактор за задржување на талентите, со панелисти како Бојан Симиќ (основач на Clean Air Solution Србија) и Фросина Тасевска (од „Пандора“, Данска), за Трендовите во работната сила и иднината на работата, со Ела Маес (Белгија) и Александра Илоска (Македонија), за Социјалното менторство како алатка за интеграција на маргинализираните групи, со примери од пет балкански земји.

Форумот заврши со заклучоци, повик за акција за креирање на работни средини кои ги вреднуваат луѓето и нивните придонеси, и со – порака: Компаниите кои ги ставаат луѓето на прво место не се само „добри“ – тие се и поуспешни.