
Од 26 до 28 мај, светски реномираниот британски театарски режисер Деклан Донелан ќе биде гостин на Театар Комедија. Заедно со своите соработници од легендарната театарска компанија Cheek by Jowl, во Скопје ќе одржи ексклузивни работилници за млади режисери и ќе ја промовира својата нова книга „Актерот и просторот“, соопштија до Театар Комедија.
Донелан е носител на Орден на Британската Империја и е еден од највлијателните современи театарски режисери. Како коосновач на Cheek by Jowl, заедно со сценографот Ник Ормерод, стекна светска слава со своите оригинални интерпретации на класични и современи пиеси. Неговата работа се одликува со длабока психолошка анализа на ликовите, динамичен сценски јазик и исклучителна прецизност во водството на актерите. Еден од најголемите успеси на Донелан е неговата книга „The Actor and the Target“ („Актерот и целта“), која стана водич за многу млади професионалци ширум светот (на македонски јазик издадена од издавачката куќа Полатски, во превод на Дарко Јан Спасов). Овој труд претставува суштинска алатка за разбирање на актерската работа и процесот на режија, нагласувајќи ја важноста на акцијата, партнерството на сцената и внатрешната логика на ликот. Донелан особено е познат по развојот на методи кои им помагаат на младите режисери да изградат автентична комуникација со актерите, да работат преку емоционалната вистина на сцената и да креираат живописни и моќни сценски моменти.
Настанот вклучува две работилници за млади режисери и промоција на македонското издание на неговата нова книга „Актерот и просторот“, во превод на Бисера Бендевска и издание на Театар Комедија.