Skip to main content

Дебата за Бекет и Пинтер и за актуелноста на театарот на апсурдот денес

ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп

Вечерва од 19.30 часот во фоајето на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи седмата панел дискусија од проектот „Процеп во процес“ на која ќе се дебатира за Бекет и Пинтер и за актуелноста на театарот на апсурдот денес. За овие прашања од драматуршки, семантички, но и од аспект на преводот на драмските дела на театарот на апсурдот на македонски јазик, ќе говорат драматургот и преведувач Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и книжевникот и преведувач Марио Стојаноски. Модератор ќе биде Александар Еленин.

Она што некогаш беше филозофски пристап и концепт на драмската и театарската уметност кон реалноста преку акцентирање и актуелизирање на егзистенцијални прашања и ситуации, денес е претворено во гола реалност на постоењето во актуелното општество и устројство на светот.

Воведната „Не може ништо да се направи“ од „Чекајќи го Годо“, од семантички и повеќеслоен симбол на „удобната изгубеност“ на драмскиот лик, стана сурова реалност на актуелниот субјект која ни ги дефинира животите во општествен контекст.

Ако некогаш беше мачно, но и смешно, а токму тоа и беше поентата – да е мачно и апсурдно до степен на комично, да се гледа бесмислената „празнина на постоење“ и бесконечното (о)чек(ув)ање (на Бог?) на Владимир и Естрагон, денес таа апсурдност во голема мера го дефинира нашето постоење во рамки на еден веќе нефункционален систем кој едновремено самите го глорифицираме.

Оттука, ова живо реактуелизирање на филозофската димензија на апсурдот и неговата уметничка манифестација преку драмската уметност во наш локален контекст е повеќе од длабоко потребно.

Поврзани вести