Skip to main content

Двајца министри ќе одговараат пред грчкиот парламент за железничката несреќа кај Темпи

Freepik

Предмет за можна кривична одговорност на двајца поранешни министри за транспорт на Грција во периодот 2016-2023 година за железничката несреќа кај Темпи пред две години, ќе биде доставен во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за Христос Спирѕис, поранешен министер во Владата на СИРИЗА и Костас Караманлис од Нова демократија, кој беше министер за транспорт кога на крајот на февруари 2023 година се случи железничката несреќа со 57 загинати, по што и си поднесе оставка.

Како што објавија грчките медиуми, предметот од надлежниот суд бил доставен до Врховниот суд во Атина од каде ќе биде испратен во Парламентот, а се однесува на одговорноста на поранешните министри за безбедноста на железницата.

Според истите информации, конкретниот предмет за Спирѕис и Караманлис произлегол откако биле сослушани вработени во Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција.

Државната телевизија ЕРТ објави дека предметот нема кривичен карактер, но Парламентот ќе одлучи дали двајцата поранешни министри сносат одговорност и за кое дело.

Поврзани вести