
28 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00 ч.
САМОУНИШТУВАЊЕ
(Suicide Guide)
Игран филм, Македонија / Турција
1996, 97 мин., колор, 35 мм
Режија: Ербил Алтанај (Erbil Altanay)
Сценарио: Сашко Насев (Sashko Nasev)
Улоги: Јовица Михајловски, Катерина Коцевска, Оливер Митковски, Јелена Мијатовиќ Галевскa, Силвана Ерац, Бајруш Мјаку, Благоја Чоревски (Jovica Mihajlovski, Katerina Kocevska, Oliver Mitkovski, Jelena Mijatovikj Galevska, Silvana Erac, Bajrush Mjaku, Blagoja Chorevski)
САМОУНИШТУВАЊЕ е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести во кое било време и место. Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување. И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пејачка, која сепак се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект. И Вилма, наивната девојка на Цоле, е можеби најтрагичната жртва на Куплунг: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
28 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.
ТЕТОВИРАЊЕ
(Тatoo)
Игран филм, Македонија
1991, 132 мин, ДЦП
Режија: Столе Попов (Stole Popov)
Сценарио: Mирко Коваќ, Живојин Павловиќ, Столе Попов ( Mirko Kovać, Živojin Pavlović, Stole Popov)
Улоги: Мето Јовановски, Лиљана Меџеши, Стојан Аранџеловиќ (Meto Jovanovski, Liljana Medješi, Stojan Aranđelović)
Приказната на овој антологиски домашен филм е за Илија, повлечен, но симпатичен лик која се наоѓа во затвор од апсурдни причини, а потоа умира како жртва на полициска бруталност. По караница со сопругата го напушта домот и заминува со еден празен куфер nа железничката станица кадешто им станува сомнителен на двајца полицајци кои, само од ним познати причини, го апсат. Уште во истражниот затвор, истиот ден, тој и неколкумина други уапсени се третирани како криминалци. Подложени се на неверојатна вербална и физичка тортура. Истражната постапка се одолговлекува, а Илија се соочува со и ги преживува сите аспекти на затворското „живеење“ во кое покрај тортурата од страна на затворските чувари, изложен е и на немилоста на другите затвореници – закоравени криминалци. По една тепачка, кога во самоодбрана убива друг затвореник, Илија е осуден на подолга затворска казна. Поддржан од сопругата тој е решен да истрае и издржи, дури и да бара ревидирање на судскиот процес, но, со својот нескротлив темперамент се вовлекува во уште еден инцидент.
Култниот игран филм ТЕТОВИРАЊЕ е еден од најгледаните, најцитирани и највлијателни долгометражни играни филмови во поновата македонска историја.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари