
Во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети општина Зелениково, каде што одржа работна средба со градоначалникот Коста Маневски и членовите на општинскиот Совет. Средбата беше искористена за размена на идеи и ставови во однос на актуелните предизвици со кои се соочува општината, но и за планирање на идни чекори за понатамошен развој и напредок на локалната самоуправа. Фокусот беше ставен на најважните приоритети за подобрување на животните услови на жителите и за унапредување на инфраструктурата.
Една од темите што беше разгледана беше предлогот за измена и дополнување на Законот за локална самоуправа. Министерот Перински истакна дека оваа измена ќе донесе значајни подобрувања во управувањето на сите општини, со зголемена отчетност и транспарентност, што ќе овозможи поефикасни услуги за граѓаните. Според министерот, измените ќе ги зајакнат општините и ќе им овозможат да се справат со предизвиците со кои се соочуваат, создавајќи подобри услови за живот.
Општина Зелениково, која се наоѓа во јужниот дел на Скопската котлина и ја сочинуваат 14 населени места со рурален карактер, сериозно го насочува својот фокус на подобрување на патната инфраструктура. На првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, на Општината и беа одобрени три проекти, а на вториот повик, таа аплицираше за седум проекти.
Министерот Перински нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува локалните самоуправи и да инвестира во нив што е од големо значење за остварување на заедничките цели за создавање на пофункционални и современи локални заедници. Поддршката од Владата, како што беше нагласено, претставува значителен фактор за успешната реализација на инфраструктурни проекти и за обезбедување на континуиран развој на сите општини и региони. Таа со засилен интензитет ќе продолжи и во иднина во насока на создавање пофункционални општини кои овозможуваат подобро секојдневие за сите.