
Министерскиот совет на италијанската влада денеска прогласи петдневна национална жалост поради смртта на папата Франциско.
Периодот на жалост започнува денеска, потврдија владини извори, пренесува Анса.
Министерскиот совет на Италија денеска свика вонредна седница на која се расправа за повеќе прашања, меѓу кои и прогласување ден на жалост.
Папата Франциско почина во понеделникот во 7:35 часот во ватиканската резиденција Санта Марта од мозочен удар, проследен со кома и неповратен кардиоваскуларен колапс.
Погребот на папата Франциско ќе се одржи во сабота на 26 април во 10 часот на плоштадот пред базиликата Свети Петар, јави Анса, повикувајќи се на соопштение на Ватикан.
Телото на папата Франциско во моментов е изложено во капелата на резиденцијата Санта Марта каде што живеел во текот на 12-те години како поглавар на Римокатоличката црква, објави Ројтерс.
На плоштадот Свети Петар во Рим денеска во 19 часот и 30 минути ќе се одржи молитвата бројаница која ќе ја предводи деканот на Конгрегацијата на кардиналите, кардинал Џовани Батиста Ре.