Skip to main content

Во Кавадарци одбележан Денот на Ромите 

Фото: Влатко Тасев

Со пригодна програма,  учениците од средното училиште „Ѓорче Петров”, во соработка со градската библиотека „Феткин” во Кавадарци, го одбележаа светскиот Ден на Ромите. 

– Овде се негува јазикот како основно изразно средство за искажување на мислите и чувствата. Иако се различни, сите јазици се всушност исти, затоа што ја отвараат човековата душа и се разбирливи за секого, беше кажано на настанот. 

Притоа беше нагласено дека на овој ден се слави ромскиот идентитет, култура и историја. 

-Но, истовремено ги подигнуваме гласовите за поддршка на правата на Ромите и нивната интеграција во општеството. Овој настан има за цел да поттикне разбирање, почит и интеркултурен дијалог, беше подвлечено на настанот.

Се истакна дека овој ден е повод да се одбележат богатата култура, јазик и традиции на Ромите, како и да се истакнат нивните придонеси низ вековите.

-Ромите имаат уникатен културен идентитет кој се одразува во музиката, танците и уметноста. Нивната музика, која изобилува со емоции и живописни ритми, станала инспирација за многу познати музичари ширум светот. Нивната традиционална уметност и занаети се сведоштво за креативноста и духовноста на оваа заедница. Ромскиот народ има своја култура, народно творештво и се бори за свое место под сонцето. Тој за себе има своја приказна која ја раскажува како аманет за идните генерации и се гордее со своите автохтони вредности, беше нагласено на настанот. 

Беше подвлечено дека современите млади луѓе од ромската популација се трудат од себе да направат силни и здрави личности, образовани и еманципирани, ослободени од наследените негативни традиции. Со тоа, беше додадено,  всушност се вклопуваат во општеството и ги надминуваат стереотипите што претставуваат остаток од минатото.

-Песната пренесува најсилна порака и најбргу допира до сите сетила, а притоа иницира силни чувства на гордост, радост или тага.

Ромскиот народ е познат по својата музика и игра со која го воодушевуваат целиот свет. Во песните пеат за своите маки и страдања, но и за своите радости и секојдневности, беше подвлечено во градската библиотека во Кавадарци.

Денеска, беше кажано притоа, имавме можност да ја прославиме богатата култура, историја и придонеси на ромската заедница, како и да се потсетиме на важноста на интеркултурната толеранција и почит.

-Меѓународниот ден на Ромите не е само празник, туку и потсетник за правото на секој човек да биде еднаков, да биде слушнат и да биде ценет. Продолжуваме со заеднички сили кон иднина каде различностите не се само почитувани, туку и славени, беше кажано на настанот. 

Ментор на учениците е професорот по македонски јазик, Влатко Тасев.

Поврзани вести