
Во Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе се одржи промоција на книгата „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска. Книгата е во издание на издавачката куќа „Макавеј“, а промотори ќе бидат Соња Стојменска-Елзесер и Владимир Мартиновски.
„На врв од острицата“ е критичко-есеистичка книга во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на авторката во текот на повеќе од две децении. Она што ги обединува овие текстови е живиот, страстен и едуциран интерес на Спасовска за македонската литература и во тие рамки, доминантно за поезијата. Токму таквиот фокус ѝ придодава посебно значење на оваа книга, која со самиот наслов ја манифестира тенденцијата да биде валоризаторски аналитична, прецизна и јасна, истакнува во својот осврт професорката Соња Стојменска-Елзесер.
Како што додава Стојменска-Елзесер, авторката загатнува низа значајни проблемски пунктови и преку анализите и коментарите првенствено придонесува за опфатно и квалитетно толкување на македонската современа поезија, како и на поопштите процеси и појави во македонската литература, но и на некои глобални културолошки феномени.