Skip to main content

Наставникот Шемоски апелира: Најмладото повредено дете има само 6 години, ова е поука и за родителите и за колегите

Денешниот настан, каде 11 деца завршија во болница поради опасен „Тик ток“ предизвик, е повик за будење. Најмладото дете има само 6 години. Ова е сигнал дека децата бараат внимание и признание, но од нас зависи да ги научиме дека вистинската вредност не доаѓа од виртуелниот свет, туку од безбедноста, љубовта и вистинските односи, вели наставникот Талат Шемоски во вирален статус на социјалните мрежи.

Според него, кога децата бараат внимание во опасни предизвици, тоа значи дека им недостасува нешто вистинско – љубов, поддршка и признание.

Родители: Посветете им време. Прашајте ги што ги радува и што ги мачи. Покажете дека не мораат да се докажуваат за да бидат прифатени – тие веќе се доволно добри.
Покажете љубов кон вашето дете – токму сега. Потсетете ги дека не мораат да докажуваат ништо пред никого, освен пред самите себе. Бидете пример. Децата учат од она што го гледаат. Ако ние покажуваме почит кон животот, тие ќе научат да го почитуваат.
Наставници (колеги) : Да бидеме нивни водичи. Да разговараме со учениците за опасностите од интернетот и да ги поттикнеме да градат самодоверба и критичко размислување.
Време е за заедничка акција. Со љубов, едукација и пример, можеме да ги заштитиме нашите деца. Животот е најголемата вредност – да ги научиме и нив да го ценат.
Ова е поука за сите нас. Децата не треба да бидат жртви на нашата индиферентност или брзото темпо на живот. Тие заслужуваат да растат во свет каде што не мораат да ризикуваат за да бидат прифатени.
Нека денешниот настан биде мотивација за промена. Да создадеме општество кое ќе ги штити, ќе ги води и ќе ги поддржува нашите деца – за нив, за нас, за сите, вели Шемоски во инспиративен статус.

Поврзани вести