
Денешната прес-конференција ќе биде малку од поголем обем, заедно со доктор Игор Мерџановски и министерката за образование и наука професор, Весна Јаневска сакаме да опфатиме неколку сегменти, истакна владината портпаролка Марија Митева.на денешната прес конференција.
Првиот е во делот на лекарската грижа за којашто ќе зборува доктор Мерџановски, а вториот е од аспект на психолошка поддршка на семејствата, пациентите за која повеќе ќе информира министерката.
Пред да започнам со информирање на јавноста за состојбата со контролите на ДПИ сакам да нагласам дека како Влада будно ја следиме и состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во определени моменти мораме како Влада да апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата. Во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна. Се разбира, сакам и лично, но и од името на Владата на секој граѓанин, на секој поединец, особено на волонтерите од Црвен крст и сите останати да се заблагодарам за несебичната помош и поддршка која ја даваат во овие најтешки денови – рече Митева.
Таа информираше дека во делот на транспортот и сместувањето и тоа е обврска и грижа која како Влада ја реализираат.
Денешниот пресек е следен: згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство.
Воедно, во овој момент бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме се што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња. Уште еднаш апелирам и замолувам да бидеме солидарни без шпекулации коишто ќе наштетат на семејствата – додаде Митева.
Ќе продолжам во оваа прес-конференција да ги дадам информациите кои се однесуваат на работата на ДПИ и кои се преземените активности заклучно со вчерашниот ден.
- вкупно 82 контроли со записник, инаку се многу повеќе за кои сѐ уште трае анализа и контролата, по Законот за угостителска дејност, тука се вклучени сите од кабаре, дискотека, надзори по угостителска дејност на цела територија.
- Од 23 со лиценца, констатирано е до сега 13 не исполнуваат минимум технички услови, при што се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана на вршење на дејност.
- Кај 5 правни субјекти коишто се регистрирани како кабаре/дискотека и коишто се со истечена лиценца, а е утврдено дека работеле изминатиов период сакам да информирам дека се издадени решенија за забрана на дејност.
- Кај останатите 41 кафич-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по Законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и 2 затворања за пречекорување на работно време, што подразбира и платен налог.