
Министерството за образование и наука информираше дека семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментот се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана во студентските и ученичките домови во Скопје.
Станува збор за студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Партенија Зографски“ во Гази Баба, како и во ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“ во Кисела Вода.
– Во овие моменти на заедничка жалост да се здружиме и заеднички да покажеме колку сме хумани. Секој кој може на каков било начин да помогне, да го стори тоа, затоа што така на најдобар начин ја покажуваме почитта кон оние што ги погоди оваа голема трагедија. Длабоко сочувство до семејствата на починатите, Бог да им даде сила да ги издржат овие тажни моменти. На повредените млади луѓе им посакуваме што поскоро закрепнување. Како Министерството, подготвени сме да пружиме поддршка таму каде што е потребно, се вели во соопштението од МОН.