Skip to main content

Саем за образование: Да ги поттикнеме студентите да избираат домашни високообразовни установи

Фото: МИА

 Во Скопје почна Саемот за образование, каде матурантите денеска и утре може да добијат повеќе информации за факултетите низ државава, а истовремено, компании презентираат можности за вработување. Целта, како што беше истакнато, е да ги поврзе младите – матурантите и студентите со универзитетите, за да се запознаат со можностите за образование, специјализација и професионален развој, како и со академии за дигитални вештини и компании.

– Сакаме да ги поттикнеме нашите студенти повеќе да ги избираат домашните високообразовни установи, во изјава за медиуми нагласи Гоше Николов, основач на студентската иницијатива „Студентарија“ и организатор на Саемот за образование.

Тој рече дека на Саемот присутни се над 12 универзитети со повеќе од 90 факултети, а ја истакна и надежта за промоција на македонското високо образование.

– Ќе има и бројни панел-дискусии, една од нив „Како да изберете идеална студиска програма“, работилница за ментално здравје за студенти, кои вештини ги бараат работодавците, наброја Николов.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази огромно задоволство од настанот.

– Ваквите иницијативи се исклучително значајни и Министерството секогаш ќе ги поддржува. Младите треба да останат во нашата земја и затоа Саемот на образование им овозможува да го изберат она за продолжување на образование што го сакаат и што им е потребно, подвлече таа.

На студентите им порача да го избираат тоа што го сакаат самостојно, според сопствените таленти и нивните желби, но, „да не го забораваат и пазарот на трудот“.

– На факултетите им испраќам порака дека треба да ги модернизираат своите програми, да им овозможат на младите да го изучуваат она што ги интересира за да останат во сопствената земја. Имам порака и за компаниите. Тие треба широко да ги отворат вратите за студентите за таму да ги стекнат дополнителните компетенции и вештини и да останат на пазарот на трудот во сопствената држава, потенцираше Јаневска.

Министерката рече и дека изминатиот период, биле изгубени околу 7.000 студенти во седум години.

Саемот е во организација на „Скопје сити мол“ и „Студентарија“. Настанот е поддржан од банката „Шпаркасе“

Поврзани вести