
За три дена од денеска, автомобилот кој ќе ви го подигне „пајак“ на Општина Центар ќе си го барате од другата страна на булеварот кај новата железничка станица. Од понеделник, граѓаните на кои „пајаците“ на ЈП ПОЦ ќе им го кренат возилото, ќе можат да си земат од новото депо на ова јавно претпријатие лоцирано покрај улицата до мостот „Беласица“ под Железничката станица.
На новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2250 м2 и на неа се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видео надзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење – изјави Душко Коцевски, директорот на ПОЦ.