
Упатив многу јасна порака кон ЕВН дека не смее да се случува сметките за потрошена електрична енергија на граѓаните да се зголемени заради нередовно читање на броилата. Ваквиот тип на однесување е непочитување кон Владата, бидејќи е непочитување кон граѓаните кои ја избрале оваа Влада. Ако продолжи ваквото однесување, а мислам дека нема да продолжи, државата има механизми како да се заштити и ќе се заштити, порача вечерва премиерот Христијан Мицкоски.
Тоа, како што рече, е непримерно и погрешно и нема така да помине, бидејќи ударот врз граѓаните е удар врз сите нас.
-Ние ќе се браниме и имаме право да се браниме. Бранејќи ги граѓаните го браниме суверенитетот на државата. Ние сме коректни, не се однесуваме насилнички како што тоа го правеле некои други влади во минатото. Не бараме ништо, бараме почитување, бидејќи ние ги почитуваме. Го почитуваме секој инвеститор и тука сме да помогнеме за се што треба ако имаат институционален проблем или друг тип на проблем. Како Влада сме тука за се што можеме да помогнеме и бараме почитување, рече Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5.
Нагласи дека има два факти за високите сметки што ги добиваат граѓаните од ЕВН.
-Едниот факт е дека за 40 проценти се помалку жалбите пред Регулаторната комисија за енергетика во споредба со лани тоа време и вториот е дека сметките се зголемени откако ќе се нивелираат, бидејќи ЕВН не ги чита броилата на време, прецизира Мицкоски.
Прашан зошто не го поддржуваат предлогот од опозицијата за намалување на ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто и на храната на нула проценти иако тоа го предлагале кога тие биле опозиција, Мицкоски рече дека имало ценовни шокови кога тоа го предлагале, а сега тоа не е случај.
-Не станува збор дали нас ние прифатливо или не ни е. Тогаш кога ние го предлагавме имаше екстремно големи ценовни шокови, инфлација од 20 до 25 па и 30 проценти, а сега тоа не е случај. Тогаш импутот и во производството и во оперативното работење беше резултат на тие високи ценовни шокови поради високите цени на енергенсите. Од тие причини се намалуваше процентот на ДДВ. Ако не дај Боже дојдеме до таква ситуација апсолутно тоа е опција и не бегаме ние од таа опција, посочи Мицкоски.
За цените во маркетите рече дека нема да се намалат доколку само се намали ДДВ-то за храната.
-Зошто некој би ја намалил цената ако ние го намалиме ДДВ-то ако пазарот ја одредил таа цена. Ако мислите дека нешто чини 50 денари и ние да го намалиме ДДВ и некој ќе биде хуман и ќе го направи 47, 48 денари се лажете. Нема тоа да го направи. Тоа нема да се случи ако нема мерки воведени од Владата, потенцира Мицкоски.