Skip to main content

Мицкоски: Шокиран сум од однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

Премиерот Христијан Мицкоски не сака да ги коментира мерките што ги изрече кривичниот Суд против осомничените за увоз на мазут со сомнителен квалитет, потсетувајќи на степенот на доверба во судството. Во изјава за медиумите дадена денеска во Ресен, Мицкоски рече дека треба да се почека да заврши истрагата за да може да ги коментира сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети.

За мене се алармантни информациите што ги добивам, а што се поврзани со однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму, ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна, рече Мицкоски.

За различните мерки изречени за двајцата првообвинети Ратко Капушевски и Асмир Јахоски денеска реагираа и од политичката партија „Левица“. Оттаму прашаа зошто за едниот и изречена мерка притвор, а за другиот куќен притвор кога двајцата се осомничени за истото дело.

„Капушевски оди во притвор, Пуцко Петрол во куќен притвор. Која е разликата помеѓу Капушевски и Пуцко Петрол, што обвинителот го преиначи барањето за притвор во куќен притвор?“ праша пратеничката Јована Мојсоска на социјалните мрежи.

Во акцијата беа приведени 11 лица, а судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вчера им определи мерка притвор во траење од 30 дена на бизнисменот Ратко Капушевски и на уште две лица, додека сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски доби „куќен притвор“.

По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, информираа вчера од Кривичниот суд

За останатите седум осомничени кои беа спроведени во Судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решение за определување на мерки за претпазливост.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Поврзани вести