Skip to main content
Трибина на ВМРО-ДПМНЕ

Како станавме увозно зависни за храна?

Во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ денеска се одржа трибина „Како станавме увозно зависни за храна?“, на која говорниците заклучија дека државата поседува три клучни предуслови за успешен развој на земјоделството, квалитетно земјиште, поволни климатски услови и водни ресурси, но дека ефективната поддршка на земјоделците од државата е неопходна за стабилизација и развој на секторот. Тие се на ставот дека негативниот биланс на увоз на земјоделско-прехранбени производи е резултат на недоволната поддршка кон земјоделците од претходната власт.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во своето обраќање на трибината рече дека увозната зависност на државата од земјоделски производи е резултат на неколку фактори, вклучувајќи го и недостатокот на сигурен пласман за домашните производи и квалитетот на животот во руралните средини.

-Македонија ги има сите битни предуслови за производство на храна, а тоа е квалитетна почва, над 280 сончеви денови во текот на годината, вода како ресурс кој ја имаме, така што сме во ситуација да увезуваме повеќе од тоа што произведуваме. Сметам дека клучниот момент е во делот на рентабилноста на земјоделското производство, вели Трипуновски.

Трипуновски нагласи дека пресвртот во увозната зависност на државата е тесно поврзан со рентабилноста на земјоделството. Тој истакна дека, иако минатите влади алармирале за сериозни пропусти во земјоделскиот сектор, навремени и правилни политики не биле креирани за да се стимулираат земјоделците. Според него, и проекциите за развој на земјоделството и стратегиите за поддршка на земјоделците значително изостанаа, поради што Министерството прави ревизија на стратегиите и мерките, за да се анализира нивниот ефект на земјоделското производство.

Тој додаде дека младите земјоделци ќе добијат грантови, како и поддршка во форма на кофинансирање на проекти за кои ќе аплицираат

Директорот на Управата за Водостопанство, Ромео Тренов на трибината подвлече дека зелената мафија и неспособноста на претходната власт оставиле тотален хаос во земјоделието. Како што посоли, работат на повеќе проекти како Брана Речица, 6 системи за наводнување и пловечки фотоволтаични постројки на брана Паљурци.

Тренов посочи дека во изминатите години власта предводена од СДС и ДУИ не реализирала проекти и не решавала проблеми на земјоделците.

-Од 2019 година од декември месец, потпишан договор за 4 системи за наводнување, до сега не беше ставена во функција ниту проектната единица за реализација на проектот. Пет години таму некој не собрал комисија, односно комисијата што беше направена веќе не постоеше бидејќи неколку од луѓето заминале во пензија, замислете пет години ништо не работеле. За 4 системи за наводнување а сите знаеме дека без наводнување нема земјоделие особено интензивно земјоделие, констатира Тренов.

Тој додаде дека во соработка со Шпанската влада ќе се прави проекти пловечки фотоволтаични постројки на брана Паљурци со кои ќе се наводнуваат 1000 хектари околу општина Богданци ќе се произведува струја и ќе се полни Дојранското езеро.

Професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје е дециден дека негативниот биланс на увоз на земјоделско-прехранбени производи е скоро три пати зголемен во 2023 година. Дополнително, тој додава дека ваквиот тренд е резултат на погрешното менаџирање и недоволната поддршка кон земјоделците од страна на претходната власт.

-Ако зборуваме како станавме увозно зависни ќе ви објаснам. Во 2014 година ние имаме негативен биланс на увоз на земјоделско-прехранбени производи околу 150 милиони евра, а во 2023 година имаме преку 430 милиони евра негативен биланс, значи скоро 3 пати е зголемен увозот, заклучува Димитриевски.

Поврзани вести