Skip to main content

Грчко учество на Франкофонија 2025: Проекција на „Ривиера“ и три класични ремек-дела на грчката литература

Амбасадорката на Грција во Македонија, Софија Филипиду, учествуваше на прес-конференцијата по повод одбележувањето на Франкофонијата 2025, која се одржа вчера во Europe House во Скопје.

Грчкото учество на Франкофонија 2025 вклучува филм за една млада жена која е во потрага по своето место во променливиот свет, како и три класични ремек-дела на грчката литература. Амбасадорката Филипиду, најави дека Грција ќе учествува на натпреварот по читање, кој ќе се одржи во сабота на 15 март 2025 година  во 13:00 часот, во Кинотеката на Македонија, со три значајни дела: „Епитафот на Перикле“ од Тукидид, преведен од Жаклин де Ромили, класичен извадок кој го истражува концептот на демократијата, „Итака“ од Константинос Кавафис, преведена од Маргерит Јурсенар, величествена поема од 1911 година, и „Месечева соната“ од Јанис Рицос, познат грчки поет кој беше награден со наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1985 година. „Месечева соната“ е амблематична поема напишана во 1956 година, која е добро позната и ценета во Франција, но е преведена и на многу други европски јазици.

Грција ќе ја има честа и да го отвори настанот „Неделата на франкофонскиот филм“ во петок, 21 март 2025 година, во 20:00 часот во Кинотеката на Македонија, со проекција на филмот „Ривиера“, грчки филм од 2024 година, во режија на Орфеас Переѕис. Во согласност со главната тема на овогодинешното издание на „Неделата на франкофонскиот филм“ кое е посветено на младоста, „Ривиера“ е грчко-француска продукција што премиерно беше прикажана на Меѓународниот филмски фестивал во Сао Пауло во 2024 година. „Ривиера“ ја раскажува приказната за транзицијата на младата протагонистка кон зрелоста и е повеќе наградуван и воодушевувачки филм за силата да се продолжи понатаму.