
Дека некои ланци на маркети работеле на штета на граѓаните потврди Комисијата за заштита на конкуренција. Имено тие во обид да си го заштитат профитот, договарале цени на производите, истовремено убедувајќи ја јавноста и потрошувачите дека нема голем простор за намалување на цените кои растеа речиси секојдневно. Галопирачкиот раст на цените се обиде да го спречи власта со креирање на есенската и новогодишната потрошувачка кошница, но изгледа маркетите најдоа начин да не бидат партнери со граѓаните, па договарајќи се меѓусебно го држеа високото ниво на цени на речиси сите производи. Со таа политика, на рафтовите во маркетите во државава имаше некои производи чии цени беа исти, а некои дури и повисоки од оние кои можеа да се најдат во маркетите на европските земји. Високите продажни цени во маркетите не можеше да ги разниша ниту бојкотот на продавниците, ниту пак повикот на владата маркетите да бидат партнери во смирувањето на инфлаторната спирала. Во една таква разбранувана ситуација на цени кои растат, на маркети кои се жалат дека ако се намалат цените, ќе отпуштаат вработени, во анализа на пазарот се вклучи КЗК, која утврди картелско здружување на неколку маркети, кои го воделе клучниот збор во одржување на високото ниво на цените, богатејќи се на грбот на граѓаните.
Доколку се потврди обвинувањето за договарање цени, четирите ланци на маркети, согласно годишната добивка, би требало да платат 10 проценти од добивката, односно некаде околу 50 милиони евра. Сумата која Сојузот на стопански комори ќе треба да ја плати, кој е обвинет дека во неговите простории се договарало картелското здружување, дополнително ќе биде утврдена, но таа ќе изнесува 1 процент од годишната добивка.
Потешките прекршоци се однесуваат на забранети договори (картели), злоупотреба на доминантна позиција, за истите е предвидена глоба во износ до 10% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година. Кога прекршокот е сторен од здружение на претпријатија, а се однесува на активностите на неговите членови, глобата нема да го надмине износот од 1%, изразена во апсолутен и номинален износ за полесни прекршоци, односно 10%, изразена во апсолутен и номинален износ за потешки прекршоци, од збирот на вкупниот годишен приход на секој член на здружението кој делува на релевантниот пазар, стои во образложението на КЗК.
КЗК поведе постапка против маркетите и ССК под сомнение дека во просторите на комората се договорале да не примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година, со што се влијаело да се стекне перцепција и кај другите претпријатија кои вршат продажба на стоки на мало во неспецијализирани продавници, како и кај добавувачите дека ваквиот договор е постигнат помеѓу сите учесници на овој пазар и со тоа да влијае на однесувањето, информираат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Во заклучокот на КЗК се додава дека со ваквото договарање фирмите ја замениле состојбата на непречена конкуренција на пазарот со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата , чија цел е нарушување на конкуренција преку утврдување на заедничко однесување кон добавувачите што претставува постоење на евентуален прекршок од член 59 став (1) точка (1), а во врска со член 7 став (1) точка (1) од Законот за заштитата на конкуренцијата.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата најавија дека нема да даваат било какви информации се додека тече рокот во кој маркетите и комората можат да ги достават своите аргументи, по што ќе се донесе финална одлука дали ќе бидат казнети.
Премиерот Христијан Мицкоски, потврди дека било какво здружување на штета на граѓаните ќе биде најостро санкционирано
Автор: Александрија С. Николовска