
Здружението Македонски Национален Комитет при Меѓународниот Совет на Музеите (МНК ИКОМ) денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе организира семинар насловен „Едукација и инклузија – клучна карика во музејското работење“.
Како што соопштија од МНК ИКОМ, целта на музејската едукација е постојано развивање на пристапот и важноста од секаков вид учење во музејот кон различни целни групи. Со реализација на едукативни работилници за деца, ученици, студенти и младинци, со лица од трето доба се настојува да се следи структурата и интересот на публиката. За таа цел, потенцираат, реализираат проекти, планови и едукативни изложби.
-Музејот како институција, со своите содржини и едукативни активности, треба да го подигне нивото на јавната свест за правата на лицата со инвалидитет, и на тој начин да придонесе за општата толеранција за различноста во општеството. Нашата цел е да имплементираме повеќе проекти за пристапноста и достапноста на музејската поставка до лицата со различна попреченост, но и да организираме предавања и обуки заедно со наставниците, соработниците од различни здруженија како и со колегите од другите музеи кои ја обавуваат едукативната дејност, велат од МНК ИКОМ.
Како што е најавено, на семинарот со свои трудови ќе се претстават презентерите Марија Димишкова – „Музеј за сите (неформално образование)“; Маја Димитрова – „Социјална инклузија“; Ана Вишинова – „Музејска едукација и пристапност кон различни целни групи“ и Перо Арџанлиев – „Ракување, пакување и презентација на археолошки артефакти“