Skip to main content

Крис Павловски поканет да ја отвори прес-конференцијата на Белата куќа, од каде му се заблагодарија што се спротиставил на цензурата против Трамп

Бизнисменот со македонско потекло и сопственик на медиумската компанија Рамбл, Крис Павловски беше поканет да ја отвори прес-конференцијата на Белата куќа денес. Согласно новата политика на админстрацијата на Трамп, при секоја прес-конференција претставници на таканаречените „нови медиуми“ – подкаст емисии, стримери, големи ѕвезди од социјалните мрежи… – се поканети да го постават првото прашање на прес-конференцијата, а денес таа чест му припадна на Павловски.

Крис ја основаше платформата за споделување видеа Рамбл во 2013, со цел да го заштити отворениот и слободен интернет од цензура од страна на големите технолошки компании и владите низ светот. Платформата секогаш им овозможуваше простор на независните коментатори да ги споделуваат своите автентични мислења и секогаш го вклучуваше и претседателот Трамп, за разлика од другите платформи кои го цензурираа во минатото.

Од основањето, Рамбл растеше со експоненцијален раст и неодамна достигна 67 милиони активни корисници во текот на еден месец.

Тоа се многу гледачи, порача портпаролката на Белата куќа Каролајн Луит, пред да го покани Павловски да ја отвори сесијата со прашања.

Павловски истакна дека за него е чест да учествува на прес-конференцијата и со тоа да ја истакне важноста од зачувување на слободата на говорот.

Рамбл беше жртва на цензура од страна на повеќе странски влади. Јасно е дека се уште има многу држави кои се противат на слободата на говорот, па дури и таргетираат американски компании. Можете ли да ни кажете што оваа администрација ќе стори за да ги заштити американските интереси и вредности ширум светот?, праша Крис Павловски.

Луит одговори дека борбата против цензурата, како во САД така и низ светот, ќе биде важен дел од агендата на pретседателот Трамп. Таа посочи дека како прво, претседателот Трамп покажал досега невидено ниво на отвореност кон медиумите, кои имаат можност скоро секојдневно да му поставуваат прашања.

Дополнително, Трамп потпиша извршна наредба со која им забрани на државните функционери да преземаат чекори со кои се нарушува слободата на говор на американските граѓани.

Поврзани вести