Во рамките на својата работна посета на Будимпешта, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ја посети Амбасадата на Република Македонија во Унгарија и Лекторатот по македонски јазик. Претходно таа беше дел од Самитот на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, а во чиј фокус е унапредување на соработката во овие области помеѓу земјите учеснички.
Самитот е уште еден исчекор кон јакнење на релациите меѓу земјите од Западен Балкан. Размената на искуства решава предизвици и ни ја подобрува меѓународната конкурентност како регион. Од друга страна пак, повисоката цел е јакнење на соработката со Унгарија и со Европската унија, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека македонската влада основаше Национално координативно тело за реформи во високото образование, кое ќе ги дефинира промените што ќе го забрзаат неговиот развој. Како што рече, во план е промена на моделот на финансирање на високообразовните установи и законски измени за објавување на повеќе научни трудови како услов за напредување во звања кои пак, истовремено ќе го подигнат и рејтингот на нашите универзитети на глобалните ранг листи. Ќе се стимулира модернизација на постојните студиски програми, како и воведување повеќе програми на англиски јазик.
Јаневска имаше средба и со генералниот директор на Одборот за акредитација на високото образование на Унгарија, Петер Левенте Лакатос кој изрази отвореност за соработка и поддршка на заложбите на македонската Влада за унапредување на квалитетот на националниот високообразовен систем.
За министерката Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта е центар на македонистиката во оваа светска метропола.
Убаво е чувството кога ќе видиш дека студенти од Унгарија, но и од Украина и од Кина се радуваат на секој правилно изговорен збор на македонски јазик, истакнува таа и додава:
Се видовме со професорот Златко Панзов и со неколку студенти од различни земји кои го изучуваат македонскиот јазик. Поразговаравме за нашата татковина Македонија, за македонскиот јазик, за мотивите кои ги натерале да го учат македонскиот јазик, за тоа каде ја гледаат својата иднина, изучувајќи го, како дел од нивното останато образование. Ценам дека ова е многу успешна средба со сите нив и понатаму ќе создаваме соработка на сите овие полиња, особено со Унгарија како држава.
При посетата видов дека е еден од најуспешните на факултетот, со што се гордеам и му благодарам на професорот Панзов, видов дека има интерес меѓу студентите, дека тој навистина одлично си ја работи својата работа. Истакнувам благодарност и гордост од моја страна, што имаме такви луѓе кои во светот го промовираат нашиот јазик и нашата култура, а секако на тој начин го шират и чуваат нашиот идентитет. Секако и тоа е исклучително значајно, тоа е еден начин за промовирање на државата и воспоставување, одлични добри релации со останатите држави, што за секоја држава е многу важно, бидејќи Унгарија е во Европската унија, таа е голема, моќна земја, нас такви пријатели ни се потребни. Со задоволство разменуваме искуства, бидејќи и ние имаме што да размениме, без оглед на тоа што сме помала земја, еве како што гледате, најдовме полиња на заедничка соработка на обострано задоволство.
Посетата во Будимпешта заврши со посетата на Македонската амбасада, во која министерката беше пречекана од Михајло Жеваировски, советник и вршител на должност во Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта и Ненад Младеновиќ, првиот секретар во амбасадата .
Без постоењето на амбасадите, цела оваа соработка би била потежок процес. Амбасадите го олеснуваат сето тоа, зборуваме конкретно сега за образованието, но секако е познато во јавността, дека тие имаат и многу други задачи, и економски особено. Многу ми е драго и многу сум задоволна што имам прилика да ги запознам луѓето од амбасадата, тие многу срдечно ме пречека, на што им благодарам, но јас ке пренесам срдечни поздрави во Македонија од нивна страна.