Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Аеродром ги повика општините да ги подготват апликациите за вториот повик за финансиска поддршка од страна на Владата за реализирање на нови проекти.
„Продолжуваме и понатаму. Во оваа недела очекувам да го распишеме вториот повик, којшто ќе биде малку поголем во вредност од првиот. Ако првиот беше до шест милијарди денари, овој ќе биде до 15 милијарди денари.
Ги повикувам општините да подготват апликации, ќе има малку поширок период за аплицирање кој ќе трае до 30 април. За разлика од првиот повик, во овој вториот малку се олеснети условите во смисла на аплицирање, односно сите оние општини коишто поседуваат проекти со обезбедени документи за објавување јавен повик, за тендерирање ќе може да аплицираат, па во меѓувреме да го решаваат и оној дел поврзан со дозволата за градба.
Така што мислам дека ќе биде и овој вториот успешен и стотици проекти мислам дека ќе ја поминат оваа филтер фаза и ќе се катализираат и ќе можеме да присуствуваме како што присуствуваме денес на отпочнување на активностите и нивно завршување и пуштање во употреба.
Со среќа нека е и нека ни се множат вакви убави работи, нека се множат вакви убави градби и сите ние да уживаме во една поубава Македонија“, рече Мицкоски.