Skip to main content

Нутриционистка открива кога не треба да ручате ако сакате да ослабете

Оние што сакаат да симнат килограми, сигурно го слушнале советот дека треба да престанат да јадат доцна навечер и, наместо тоа, ручекот треба да им биде главниот оброк во денот. Сепак, не станува збор само за тоа што јадете за ручек, туку и кога го јадете, а тоа би можело да биде клучно за слабеењето.

Нутриционистите откриваат дека оптималното време за ручек е четири до пет часа откако сте појадувале.

„Ако некој се разбуди во 7 часот наутро и изеде појадок богат со хранливи состојки во 8 часот наутро, тогаш најверојатно ќе почувствува глад четири до пет часа подоцна, околу 12-13 часот“, објаснуваат тие.

Доколку ручате подоцна, тоа може да му отежни на телото да ја метаболизира храната и може да доведе до тоа да ја прескокнете вечерата или да јадете доцна навечер, блиску до времето за спиење.

Научници во Шпанија, исто така, сугерирале дека оние што доцна ручаат, согоруваат помалку калории од оние што јаделе во 13 часот.

Според истражувањето објавено во магазинот Nutrients, оние кои ручале во 16.30 часот имале нестабилен шеќер во крвта во текот на целиот ден и им требало повеќе време да ги претворат јаглехидратите во енергија.

Претходни истражувања покажале дека ако не јадете подолго време, може да дојде до пораст на шеќерот во крвта кога ќе јадете – особено ако оброкот е богат со јаглехидрати.

Ако секој ден ручате во различно време, тоа исто така може да влијае врз вашето здравје, бидејќи тоа би можело да ги наруши циркадијалните ритами што управуваат со начинот на кој нашето тело преминува од ден во ноќ и обратно.

„Како што циклусите на спиење и будење се постојани и важни за нашето тело да се чувствува синхронизирано на дневна база, истото може да се каже и за времето кога јадеме. Па така, корисно е да ручате отприлика во исто време секој ден, бидејќи смената на гладот и ситоста се синхронизира со циклусите на спиење и будење“, истакнуваат нутриционистите.

Еден италијански експерт за долговечност рекол дека видот на храната што се консумира за време на ручекот може да влијае врз успешноста на диетата.

Според доктор Валтер Лонго, истражувач за стареење и биолошки науки на Универзитетот во Јужна Калифорнија, лесниот оброк составен од јаткасти плодови и овошје е оптимален.

Доктор Лонго рекол и дека треба да јадете доволно рано, оставајќи 12 часа помеѓу вечерата и појадокот наредниот ден.