Skip to main content

Орбан: Американското финансирање на невладини организации и медиуми мора да биде транспарентно

Унгарија ќе преземе чекори за да обезбеди целосна транспарентност на сите средства што доаѓаат од САД кон невладини организации и медиуми кои го критикуваат унгарското владеење, изјави премиерот Виктор Орбан во денешното интервју за државното радио.

Орбан, кој е близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, истакна дека е време да се „елиминираат овие странски мрежи“, особено во контекст на размислувањата на Трамп да ја спои Американската агенција за меѓународен развој (USAID) со Стејт департментот во рамки на плановите за намалување на трошоците согласно политиката „Америка на прво место“.

Во Америка би ги нарекле агенти, бидејќи не ѝ служат на својата земја, туку добиваат пари од друга држава… Ние не ги нарекуваме агенти, но тоа се луѓе и организации финансирани од странство, чија цел е да го урнат унгарското владеење, изјави Орбан.

Лидерот на унгарските националисти, кој се подготвува за изборите во 2026 година, посочи дека примателите на странски средства треба да се соочат со „правни последици“ и да бидат изолирани, бидејќи претставуваат закана за унгарскиот суверенитет.

Орбан, кој е на власт од 2010 година, во декември 2023 година воведе закон со кој беше создадена Службата за заштита на суверенитетот, чија задача е да истражува и следи потенцијални ризици од политичка интервенција.

Законот, кој беше остро критикуван од Европската Унија, САД и неколку меѓународни организации, забранува странско финансирање на партии или групи што учествуваат во избори и предвидува затворска казна до три години за прекршување.

Во февруари 2024 година, Европската комисија започна постапка против Унгарија, тврдејќи дека законот може да ги поткопа демократските вредности и основните права во Унијата.

Орбан најави дека Унгарија подготвува значаен економски договор со САД, кој треба да ги надомести „штетите“ предизвикани од претходната американска администрација. Според него, администрацијата на демократите не обновила „одредени договори“, вовела „одредени санкции“ и создавала „потешкотии во патувањата“.

Поврзани вести