![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/nikolaj-terzijski.jpg)
Современиот бугарски писател Николај Терзијски доаѓа во Скопје по повод по повод книжевната промоција на македонското издание на романот „Ѕвезди под клепките“, информираат од Издавачкиот центар ТРИ.
Промоцијата на романот ќе се одржи во 19 часот во „Јуроп хаус“, со промоторката Ана Јовковска, авторот Николај Терзијски и преведувачката Виолета Танчева-Златева.
„Ѕвезди под клепките“ („Жанет 45“, 2022) е трет, најнов роман на Терзијски за кој во 2023 година ја освои Националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и е номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија.
„’Ѕвезди под клепките’ е голем роман за времето и љубовта, за смртта и творештвото, и нуди можен одговор на некои од најголемите животни загатки: каде, кога и како ја среќаваме љубовта? И како ја препознаваме? Дали во тоа ни помагаат ѕвездите што ни треперат под клепките? Раскошен роман за најзначајните и најтешките прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. Во нив треперат копнежи и разделби среде историски превирања, премолчани зборови, неискористени можности и неодговорени прашања: еден ли е светот или има мноштво светови во кои паралелно течат нашите животи“, се вели во описот за романот.
Од ТРИ посочуваат дека во стилот на големите мајстори, Терзијски нѐ води на возбудлива прошетка низ времето и судбината, поткревајќи ја пред нашите очи завесата на животот.
Николај Терзијски (1983, Смољан) е современ бугарски писател и новинар. Дипломирал новинарство на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, во 2005 г., а по две години магистрирал на Филозофскиот факултет. Работел како сценарист и ТВ-водител, а од 2003 година е вработен како новинар во продуцентската куќа „Седум осмини“. Во 2014 г. го отвора блогот „Терзилаци“, на кој објавува свои раскази, хумористични есеи, политичка сатира, публицистика, осврти за книги.
Неговиот прв роман „Одлачување“ ја добива националната награда за дебитантско дело „Јужна пролет“, номиниран е и за други награди и прогласен е за една од најважните книги издадени во Бугарија во 2017 година. Вториот роман „Хроники на непознатото“ (2019) влегува во тесна конкуренција за роман на годината и за годишните награди на Портал „Култура“. Во својот најнов роман „Ѕвезди под клепките“, Николај Терзијски создава приказна за бесмртноста и речиси ја досегнува срцевината на тајната, дека само љубовта е способна да создава вечност.