
Граѓаните од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, каде е сторен прекршокот и да извршат увид во доказите – најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарски прашања по Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски рече дека апликацијата веќе е функционална за странските државјани, а од наредната недела ќе биде достапна и за македонските граѓани.
Од наредната недела ќе кажеме точно кој ден ќе ја пуштиме апликацијата која ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок и да ги видат доказите – истакна Тошковски.
Според него, новата дигитална алатка ќе овозможи полесна комуникација со институциите и поедноставно постапување во случај на изречени санкции.
Министерот информираше и дека продолжува имплементацијата на проектот „Безбеден град“ во останатите сектори за внатрешни работи низ државата. Следен за воведување на системот е СВР Струмица, каде што, како што најави, проектот треба да биде ставен во функција во првата половина на декември.
По Струмица, системот треба да биде имплементиран и во СВР Штип, најдоцна до јануари, а потоа и во СВР Битола, со што се очекува целосно заокружување на процесот до крајот на февруари.
Тошковски оцени дека резултатите од проектот се веќе видливи на терен и посочи дека бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици е намален за 35 проценти.

Македонски



