
Пред Основниот суд во Охрид утре ќе започне судскиот процес за случајот со нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, за кој е обвинет 31-годишниот Кристијан Корабоски. Почетокот на рочиштето е закажан за 11 часот, а предметот ќе го води судијката Александра Поп Стефанија.
Нападот се случил на 15 ноември годинава, околу 2 часот по полноќ, објави 4news.mk Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот започнал по расправија во домот на осомничениот, а потоа продолжил во неговиот автомобил.
Според пријавеното, Корабоски физички ја нападнал својата девојка додека биле во возилото. Откако го запрел автомобилот, нападот продолжил, при што девојката изгубила свест и паднала.
Повредената Сара најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди.
Охридското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, објави 4news.mk
На обвинетиот претходно му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, а утрешното рочиште ќе го означи почетокот на судската постапка за случајот што предизвика големо внимание во јавноста.

Македонски




