Skip to main content

Промоција на книгата „Книжевно-критички рефлексии (студии за родот и траумата)“ од Ана Јовковска

Промоција на книгата Книжевно-критички рефлексии (студии за родот и траумата) од Ана Јовковска, авторка, новинарка и научна истражувачка, во издание на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи на 30 ноември 2026 г. (понеделник) во 19 часот во културниот центар „Лабораториум“ во Скопје, а промоторки ќе бидат проф. д-р Наташа Аврамовска и проф. д-р Ана Мартиноска.

Книжевно-критички рефлексии е осма книга на Ана Јовковска и претставува збирка од научни трудови, критики и есеи во чиј фокус се жената, траумата и слободата. Студии за родот и траумата, чиј научен интерес се хуманистичките и културолошки теми за телото, насилството, субјективитетот, идентитетот, сексуалноста и уметноста. Публикацијата има широк тематски спектар којшто ги синтетизира личните и колективни состојби, како што се себството и Другиот, патријархалниот морал, родовото ропство, траекторијата на магиското и митолошкото, архетипот на дивата жена, социокултурната конструкција на женственоста низ книжевноста и филмот, токсичната мажественост, преобмислувањето на медиумската култура и уметност, екофеминизмот, колективното лудило на војната, корумпирачката стапица на моќта, предизвиците на мајчинството, творечката слобода, социоемоционалниот развој на децата, антрополошката осаменост и менталното здравје.

Јовковска за своето дело вели: „Оваа книга ја крчкав долго низ годините на моите научни интереси и активистички провокации. Уметноста, книжевноста и филмот се рефлексија на општествените ерупции, на патријархалното ропство, родовата репресија и траумата. И колку и да се радувам на заокружувањето на целиот истражувачки и пишувачки процес, во исто време сум тажна и бесна што годинава, од јануари до септември 2026 година, се регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство. Промоцијата на книгата се поклопува со периодот кога целиот свет се вклучува во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, започнувајќи од 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. За жал, Македонија е трета земја според стапката на убиства на жени од интимни партнери. Во година во која има седум фемициди во државава мора гласно да зборуваме за коренот на насилството, за нееднаквата распредлба на моќта, вкоренетата мизогинија и системската одговорност. Неизбежно е книжевната и филмската рецепција и репрезентацијата на жената и трумата во уметноста и во популарната култура да одат чекор подалеку кон подигнување на свесноста и креирање на родово одговорни политики“.  

 Промоторката на книгата, проф. д-р Ана Мартиноска посочува: „Јовковска низ книжевните и културните приказни за жената ги препознава и ги разобличува патријархалните наративи, родовите стереотипи и невидливите механизми на моќ што со векови го обликуваат, ограничуваат и дисциплинираат женското искуство. Нејзините рефлексии се истовремено чин на критичко читање и чин на отпор во обидот да се деконструираат наследените матрици на женственоста, гласно да се проговори за премолчените трауми и да се раскинат оковите наметнати од општеството“.

Рецензентката на книгата, проф. д-р Наташа Аврамовска пишува: „Книжевно-критички рефлексии (студии за родот и траумата) претставува родово профилирано културолошко проследување на книжевноста, филмот, уметноста и културата воопшто. Во фокусот е наративот на сè уште актуелната состојба на родова дискиминација, којашто често се манифестира со насилство врз Другиот и трансгенерациски се пренесува во различни облици на траума. Јовковска на читателите им нуди ангажирана и авторски суверено испишана критичка панорама, која проследува значајни книжевни и уметнички дела на денешницата и несомнено нè замислува над мигот на денешниот цивилизиран свет“.

Дизајнот на корицата и графичкото уредување е на Марко Трпески.

Книга е објавена со поддршка од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.Ви благодариме за објавата на информацијата и срдечно ве каниме на промоцијата на убави разговори, музика и дружење.

Поврзани вести