Skip to main content

13. издание на ПИН музичката конференција од 26-28 ноември во МКЦ

Од 26 до 28 ноември, Младинскиот културен центар повторно ќе стане најгусто населената музичка точка во градот. На тринаесеттото издание на ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал пристигнуваат повеќе од 300 музички професионалци, 58 изведувачи и гости од 40 земји.
Кина, Австралија, Канада, Аргентина, Европа и Балканот ќе се сретнат во Скопје во МКЦ, кој оваа година нè пречекува веќе со реновирани тоалети.

Мотото на годинешното издание е Living in a Bubble. И, наместо три дена безбедно да живееме во сопствениот културен меур, ПИН ќе се обиде малку да го дупне.

Во ЧЕТВРТОК од 14 часот во Кино Фросина ќе се одржи трибина за град на културата , на која, како што информираат организаторите ќе се разгова дали зад титулата веќе постои тим, календар и план, кој го прави, одредува, кој носи одлуки? Кој ги контролира парите? Кога ќе почнат проектите? Како ќе бидат вклучени локалните организации и независната културна сцена? Ќе има ли отворени повици, јавни набавки, европски партнерства и транспарентни извештаи? И најважно – што ќе му остане на Скопје на 1 јануари 2029 година?

На ПИН ќе бидат претставени искуства од европски градови што веќе ја поминале оваа титула, но и од градови што, како Скопје, се подготвуваат за 2028 година. Од Нови Сад и Горица, преку Бурж и Лиепаја, ќе се разговара за тоа кога започнале подготовките, како биле организирани тимовите, како се финансирале програмите и дали големите европски културни приказни поминале без финансиски контроверзии, политички влијанија и административни магии.