Skip to main content

Мицкоски: Студентскиот оброк ќе се зголеми, студентите ќе добијат и дополнителни привилегии

Студентскиот оброк ќе биде зголемен, а Владата работи на иновативно дигитално решение преку апликацијата „Е-услуги“, кое, покрај зголемувањето на средствата за оброк, ќе им овозможи на студентите и дополнителни привилегии – најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемувањето на студентскиот оброк, Мицкоски посочи дека концептот на Владата е поширок од самото зголемување на средствата што студентите ги добиваат за оброк и дека целта е значително подобрување на студентскиот стандард.

Третата мерка, а тоа е оброкот, кој е многу популарен, гледам некои од политичките партии жестоко го злоупотребуваат, што не би требало така да биде, но како и да е, тоа останува на нивната чест и совест, но она што ние како Влада сакаме да го постигнеме е во голема мера да го подобриме стандардот на студентите. Сега зборувам за студентскиот стандард и за студентскиот оброк – рече Мицкоски.

Премиерот појасни дека Владата сака да го реши прашањето на поинаков и иновативен начин преку апликацијата „Е-услуги“. Според најавата, студентите не само што ќе добијат зголемување на сумата што ќе ја користат за обезбедување на оброкот, туку преку апликацијата ќе може да добиваат и други привилегии што досега не им биле достапни.

Ние цениме дека на овој начин драматично ќе го олесниме студирањето и ќе го подобриме студентскиот стандард. Работиме на апликацијата, работиме со колегите од Генералниот секретаријат, од министерствата за дигитална трансформација, за образование и наука и за финансии и очекувам многу бргу да излеземе со ова иновативно дигитално решение, кое го нема во Европа. Ниедна држава во Европа нема ваков тип решение што ќе го имаат македонските студенти – изјави Мицкоски.

На прашањето за колку приближно ќе биде зголемен студентскиот оброк, Мицкоски рече дека во моментот се работи на решението и дека информацијата ќе биде соопштена многу бргу.

Работиме во моментот и многу бргу ќе излеземе со информација затоа што ова решение што ние го нудиме е иновативно и досега ниедна држава не го имплементирала затоа што ги надминува границите на студентскиот оброк и опфаќа многу поширока лепеза на придобивки – посочи премиерот.

Тој нагласи дека во изминатиот период Владата значително ги зголемила средствата што ги издвојува за студентскиот стандард посочувајќи ги и инвестициите во студентските домови.

Како што наведе, еден студентски дом, кој, според него, во минатото многупати бил ветуван, е завршен и пуштен во употреба, а уште еден треба да биде пуштен до крајот на оваа година, евентуално на почетокот на следната година. Дополнително, нагласи, почнува реконструкцијата на неколку други ученички и студентски домови за што Владата ќе обезбеди средства во висина од приближно 50 милиони евра.

Мицкоски ги посочи и грантовите за самовработување на лица до 29 години, како и електронските уреди што ги обезбедила Владата, како дел од мерките насочени кон подобрување на условите за младите и студентите.

Поврзани вести