
Вчера во 19:15 часот во Полициската станица Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Ј.К.(41) од Скопје, соопшти МВР.
Според пријавеното, околу 17:30 часот пред здравствена установа на подрачјето на општина Аеродром, заедно со неговиот татко С.К.(62), по претходно недоразбирање, физички нападнале лекар и медицинска сестра. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, велат од МВР.
Станува збор за инцидент кој се случил пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Според информациите на порталот „Журнал“, таткото имал дијагностицирано онколошко заболување, а неколку часа пред инцидентот наводно испил антифриз, исклучително токсична супстанција која може да предизвика смртоносно труење. Поради загриженост за неговата здравствена состојба, семејството побарало итна медицинска интервенција.
Според неофицијалните информации, синот му пришол на лекарот од Итната медицинска помош и побарал неговиот татко веднаш да биде пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој првично му објаснил дека пациентот се наоѓа во автомобил, но кога лекарот пристапил до возилото, во него немало никого. Повозрасниот маж во тој момент стоел на нозе покрај својот син.
Лекарот, според истиот извор, проценил дека пациентот во тој момент не покажувал видливи знаци на сериозно влошена здравствена состојба. На синот му објаснил дека за транспорт со амбулантното возило треба да добие насоки од надлежниот центар за координација на Итната медицинска помош, особено бидејќи екипата имала и други интервенции на чекање.
Му било посочено дека може да го пренесе таткото со сопствено возило или да се обрати до центарот за Итна медицинска помош за организирање соодветен транспорт. Синот, меѓутоа, продолжил да инсистира пациентот веднаш да биде преземен со амбулантното возило.
Расправијата наводно прераснала во физички напад, при што таткото и синот ги нападнале лекарот и медицинската сестра. Двајцата здравствени работници се здобиле со повреди, поради што им била укажана медицинска помош во болница.
Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ најостро го осуди физичкиот напад врз докторот и медицинската сестра, кој се случил, како што велат, на нивното работно место, додека професионално и одговорно ги извршувале своите работни задачи.
Насилството врз здравствените работници е апсолутно неприфатливо и недозволиво. Медицинските сестри, техничарите, акушерките, стоматолошките сестри и докторите секојдневно се на првата линија во грижата за здравјето и животот на граѓаните. Тие заслужуваат почит, достоинство и, пред сè, безбедни услови за работа. Ниту еден здравствен работник не смее да оди на работа со страв дека може да биде навредуван, заплашуван или физички нападнат додека им помага на пациентите. Како Сојуз, бараме од Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни институции итно и целосно да го расчистат случајот, да ги утврдат сите околности и да преземат соодветни законски мерки кон сторителите, велат оттаму.
Истовремено, се додава во реакцијата, Здружението апелира до Министерството за здравство, раководствата на здравствените установи и сите надлежни институции да преземат конкретни и системски мерки за зголемување на безбедноста на здравствените работници на нивните работни места.
Изразуваме солидарност и поддршка до повредените колеги, со желба за брзо закрепнување. Нашиот став е јасен: насилството врз здравствените работници мора да престане! Заштитата на здравствените работници не е привилегија, туку основен услов за достоинствено, безбедно и професионално функционирање на здравствениот систем. Кога се напаѓа здравствен работник, се напаѓа и достоинството на целата здравствена професија, пишува во реакцијата.

Македонски




