
„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Царството на Саша Козак“ од современиот молдавски писател Јулијан Чокан, во превод од романски на македонски јазик на Ирина Кроткова.
Овој роман на Чокан отсликува атмосфера од долгата постсоветска транзиција на Молдавија. Ликовите се соочуваат со прашања од националниот и културниот идентитет кои се многу реални за многу Молдавци. Во „Царството на Саша Козак“ „Јулијан Чокан прави рендгенска снимка на еден свет на залезот, од кој не бега ниту еден елементарен аспект на генетски модифицираното општество. Преголемото производство на аморалност блика насекаде, а оние што се оставени во етичките ровови се згмечени или од чувството на фаталност или од варварските инвазии на духовната апокалипса. Јулијан Чокан е специјалист за илустрирање на потиснувањето на општественото јас.“ (Мариус Михец)
„Царството на Саша Козак е фрагмент од поранешната советска империја, но и чуден опстанок на традиционалниот романски свет, во лудите години на бескрајната транзиција во Република Молдавија.“ (Александру Мушина)
Јулијан Чокан (р. 1968 година, Кишињев, Молдавија) е прозаист, публицист и литературен критичар. Дипломирал на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Трансилванија“ во Брашов во 1995 година. Долго време е истакната јавна личност во Молдавија. Дваесет години бил коментатор за Радио Слободна Европа. Од 2022 година работи во станицата Гласот на Бесарабија. Негови познати прозни дела се: „Пред да умре Брежњев“ (2007), „Царството на Саша Козак“ (2011), „И наутро ќе дојдат Русите“ (2015). „Кралицата на чашите“ (2018) и „Кловнот“ (2021). Неговите пет романи се преведени на десетина европски јазици. Ова е прв превод на негово дело на македонски јазик.

Македонски




