Skip to main content

Oдбиени повеќе амандмани за предлог-буџетот за 2027 година

Амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година продолжи и денеска во собраниската Комисија за финансирање и буџет, при што не беа усвоени повеќе амандмани кои се однесуваа на економскиот развој, поддршката на бизнисите, енергетиката и заштитата на животната средина.

Меѓу одбиените предлози беа амандманите за отворање бизнис-центар за развој на претприемништвото во Кавадарци, финансиска поддршка за малите и средните претпријатија, како и обезбедување средства за локалните бизниси и младите претприемачи во Кочанскиот регион.

Во расправата за Кавадарци беше посочена потребата од создавање подобри услови за младите да останат во државата, да започнуваат сопствени бизниси и да придонесуваат за економскиот развој.

Пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, зборуваше за тоа што се правело за време кога на власт беше СДСМ, при што посочи дека во Кавадарци невработеноста е многу мала.

Митко Трајчуловски од СДСМ, пак, истакна дека градоначалникот Митко Јанчев имал поддршка од претходната влада за реализација на општински проекти. Владата на СДСМ, како што рече, давала поддршка за сите општини, без разлика кој ја води општината и дали доаѓа од една или друга партија.

Не поминаа ниту амандманите за поддршка на малите и средните претпријатија преку дигитализација и сертификација. Во расправата беше нагласена потребата од забрзана дигитална трансформација, примена на вештачка интелигенција и создавање услови за поголема конкурентност на домашните компании.

Одбиени беа и амандмани поврзани со развојот на индустриската зона и економијата во Битола и Могила, гасификацијата на ТЕЦ Неготино и РЕК Битола, заштитата на водите, мониторингот на квалитетот на воздухот и мерките за намалување на аерозагадувањето, како и решавањето на проблемот со депониите во Дебар.

Продолжението на амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година е најавено за в понеделник со почеток од 12:30 часот.

Поврзани вести