
Народната банка не даде конкретен одговор на прашањата за правните лица кои имаат сметки во „Алта банка“, но во претходните три месеци не исплаќале плати преку оваа банка. Токму тие фирми остануваат без јасна информација дали и кога ќе можат да ги користат своите средства за тековните обврски.
Во одговорот доставен до редакцијата на „Република“, Народната банка се повикува на соопштенијата од 10 и 11 ноември, со кои беа објавени постепени олеснувања за клиентите на банката. Меѓу нив е и можноста за исплата на плати, даноци и придонеси за компаниите што редовно исплаќале плати преку „Алта банка“ во последните три месеци. Средствата за оваа намена, според соопштението, може да бидат до пет отсто повисоки од вкупниот износ на платите исплатени во октомври.
Но, одговорот не разјаснува што ќе се случи со фирмите што не ги исполнуваат овие услови. Нема конкретна информација дали тие ќе можат да платат данок, плата, режиски трошоци, авторски хонорари или регрес за годишен одмор, ниту преку каква постапка би можеле да ги подмират обврските.
До редакцијата на „Република“ се обраќаат клиенти на „Алта банка“ со прашања кога ќе можат да располагаат со средствата на своите сметки. Дел од нив се клиенти повеќе од десет години, уште од времето на „Стопанска банка Битола“, и велат дека преку банката исплатиле над 100 плати. Тие, како што посочуваат, не бараат парите да ги префрлат во други банки, туку да можат да ги користат за редовните трошоци и обврски на фирмите.
Иако Народната банка наведува дека продолжува да ги разгледува можностите за постепено олеснување на условите, не посочува дали се планира конкретна мерка за овие правни лица. Во одговорот нема ниту најава за олеснување за фирмите што не можат да ги платат даночните обврски поради ограничувањата поврзани со работењето на „Алта банка“.
Прашањата до Народната банка беа конкретни: дали фирмите можат да исплаќаат плати и да плаќаат јавни давачки и трошоци, дали се разговара за привремено олеснување и дали ограничувањата произлегуваат од решението на Народната банка или од правилата и техничките можности на банката. Одговорот, наместо да ги разреши овие дилеми, ги упати новинарите на веќе објавените соопштенија.
Времето за фирмите истекува. До крајот на месецот, работодавачите ќе треба да обезбедат средства за новата исплата на плати, а за дел од нив сè уште нема јасна насока дали ќе можат да ги користат парите што ги имаат на сметките во „Алта банка“.

Македонски




