
Европската Унија ја повика Конференцијата на ОН за климатски промени во Турција да ги обврзе сите држави да ја забрзаат електрификацијата во сите сфери на животот – со користење чиста енергија.
Мораме да се погрижиме енергетската транзиција да продолжи да се забрзува. Тоа едноставно има смисла за нашата економија, но и за нашата безбедност. Затоа, во Европската Унија ја започнавме иницијативата „Електрифицирај сега“ (Electrify Now) токму во јуни минатата година – изјави денеска главниот преговарач на ЕУ Вопке Хукстра.
Хукстра им рече на новинарите во градот Анталија дека Европа го поздравува предлогот на турското претседателство со COP31 значително да се зголеми уделот на електричната енергија во глобалната крајна потрошувачка на енергија до 2035 година, од сегашните 23 на 35 отсто.
Ова се однесува на енергијата што реално ја користат домаќинствата, индустријата, корисниците во транспортот, давателите на услуги, како и дата-центрите и земјоделците.
Идејата зад ова е ширум светот повеќе автомобили, системи за греење и индустриски погони да работат на електрична енергија наместо да согоруваат гориво. Ова би донело значителни придобивки во ефикасноста и би помогнало во борбата против климатските промени – особено ако електричната енергија доаѓа од обновливи извори како што се сончевата, хидро или ветерната енергија.
Електрификацијата е вистинскиот пат. Колку повеќе толку подобро, колку побрзо толку подобро, колку почисто толку подобро. Бидејќи, електрификацијата обезбедува огромна добивка само во енергетската ефикасност и крајната употреба, истакна Хукстра.
Конференцијата, на која присуствуваат речиси 200 земји и повеќе од 95.000 регистрирани учесници, е предвидено да заврши в петок навечер; сепак, продолжувањето на рокот е вообичаена практика и е веројатно. (МИА)

Македонски



