Skip to main content

„За државата“ на Кикерон објавена на македонски јазик

По издавањето на „Втора филипика“ во 2022 година, во едицијата „Арго“ „Или-Или“ објави уште едно дело на Кикерон, овој пат славниот ракопис „За државата“. Преводот од латински на македонски јазик е на Ања Кузмановска. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам.

Делото „За државата“ (De re publica) на Марк Тулиј Кикерон е напишано како филозофски дијалог во шест книги. Дејството е сместено во 129 г. пр. н. е., а главни учесници во дијалогот се Публиј Корнелиј Скипион Ајмилијан и неговиот пријател Гај Лајлиј, заедно со други угледни римски државници. Преку нивната расправа Кикерон ги разгледува прашањата за најдоброто државно уредување и за улогата на доблесниот граѓанин и државник во зачувувањето на општото добро. Делото е особено значајно и по познатиот „Сон на Скипион“ (Somnium Scipionis), во кој се истакнуваат моралната одговорност на државникот и високата должност да ѝ се служи на татковината.

„За државата“ не е зачувана во целост. Поголемиот дел од текстот е изгубен, а денешното издание се темели врз фрагменти, цитати кај подоцнежни автори и врз делови од изворникот откриени во XIX век на еден палимпсест од Ватиканската библиотека. И покрај фрагментарната зачуваност, делото претставува значаен извор за проучување на римската политичка мисла и за разбирање на Кикероновите политички и филозофски ставови.

Поврзани вести