
Пет лица се лишени од слобода во Македонија и Грција, а по уште едно се трага, во рамки на заедничка антитерористичка акција на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, со која била разоткриена мрежа поврзана со ирански разузнавачки структури. Според информациите на безбедносните служби, шест македонски државјани подготвувале логистика за извршување терористички акт, односно атентат врз лице на територијата на Грција.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска соопшти дека акцијата била резултат на информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава биле доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам.
Станува збор за шест лица, македонски државјани на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово. По координираните оперативни и истражни активности, полицијата извршила претреси на четири локации, при што биле уапсени четири лица. Уште едно лице било лишено од слобода во Грција и предадено на надлежните органи во Македонија, додека по шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа во странство, сè уште се трага.
Во акцијата учествувале надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, дел од нив без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на дополнителни анализи и вештачења.
Според директорот на АНБ, Бојан Христовски, македонската мрежа била поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване (Edris Jahangiri Mavaneh), кој е идентификуван како лице поврзано со прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, меѓу кои и со наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti).
Христовски посочи дека станува збор за лица вклучени во криминални структури во земјава, кои по директни насоки од иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за планираниот напад во Грција.
Преку соработка и размена на информации со странските партнерски служби бил разоткриен и начинот на функционирање на мрежата. Нејзините членови одржувале конспиративни средби во трети земји, вклучително и во Иран, при што биле потврдени врските со лицето кое, според сознанијата на АНБ, било главен носител на планираната терористичка акција.
За случајот е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.
Јанев нагласи дека акцијата е резултат на континуираната соработка меѓу МВР и АНБ, која се темели на размена на информации, заеднички анализи и координирано постапување.
Тој откри и дека од крајот на 2024 година до денес, во координација со АНБ, МВР постапувало во десет случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица, како и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.
МВР и АНБ најавуваат продолжување на соработката со надлежното јавно обвинителство и меѓународните партнери за навремено откривање и спречување на терористички закани.

Македонски



