Skip to main content

Норвежанец си правел пат за тракторот, па открил викиншко богатство старо над 1.000 години

AI Generated / Музеј за археологија при Универзитетот на Ставангер

Во јужна Норвешка, археолози откриле богатство од времето на викинзите, старо повеќе од илјада години. На наоѓалиштето, откриени се четири големи сребрени нараквици и тоа на длабочина од само 20 сантиметри, за време на истражување на земјиште каде што земјоделец планирал да изгради пат за својот трактор.

Ова е, без сомнение, најзначајниот настан во мојата кариера. Ако жителите на имотот морале да бегаат од напад, логично е дека ги скриле своите вредни предмети пред да побегнат во планините… Бидејќи во тоа време во Норвешка немало рудници за сребро, овие предмети мора да дошле од друго место – преку трговија, како подароци или преку грабежи и походи“, изјави Фолкер Демут од Музејот за археологија при Универзитетот на Ставангер.

Како што пренесува „Сајенс Норвеј“ (Science Norway), богатството било скриено под живеалиште за робови.

Истражувањата покажале дека на ова место некогаш се наоѓал голем и моќен имот на викинзи, којшто опфаќал неколку објекти, наменети како за луѓе, така и за животни. Меѓу пронајдените предмети имало делови од садови, нитни, сечила и брусеви за острење алати. Археолозите откриле и помал објект, каде што веројатно биле сместени робовите. Токму под подот на оваа градба било закопано среброто.

Археологот Ола Тенгесдал Лигре првично помислил дека пронашол обични бакарни жици. Дури по поподробна проверка сфатил дека, всушност, станува збор за сребро. Она што го прави ова откритие особено значајно е тоа што нараквиците биле пронајдени точно таму каде што викинзите ги оставиле – што е ретка појава.

Пронајдените нараквици наликуваат на сребрени ѓердани откриени во близина во 1769 година, па археолозите не ја исклучуваат можноста за поврзаност меѓу овие наоди. Истражувањето е во тек, а сребреното богатство ќе биде изложено во Археолошкиот музеј при Универзитетот.

Имотот и нараквиците најверојатно потекнуваат од 10. век – време на големи немири. Местото било стратешки поставено со поглед кон влезот во фјордот во близина, а истражувањата покажале и дека во еден миг тоа место било во пламен.  

Поврзани вести