Skip to main content

20 нови сликарски дела на Дита Старова Ќерими ќе бидат претставени во Чифте амам

Во објектот Чифте амам при Националната галерија ќе биде отворена самостојната изложба „The Art of Distance“ („Уметноста на оддалеченоста“) на академската сликарка Дита Старова Ќерими, на која ќе бидат претставени 20 нови сликарски дела.

Изложбата претставува нов авторски циклус посветен на истражувањето на односот меѓу блискоста и оддалеченоста, присуството и отсуството, како и трајноста на човечките и емоционалните врски.

Според најавата, преку експресивен колорит, динамични композиции, цветни мотиви и суптилно присутни човечки фигури, Старова Ќерими развива визуелен јазик што ги поврзува природата и човекот во комплексен емотивен и симболички дијалог.

Изложбата има и посебно професионално значење за авторката, која во 2012 година се претстави со самостоен проект во Чифте амам, а во периодот од 2015 до 2024 година беше директорка на Националната галерија.

Дита Старова Ќерими е академска сликарка, доктор на науки и професорка на Универзитетот Американ колеџ Скопје, а нејзиното творештво во изминатите две децении е претставувано во земјава и во странство, вклучително и во Париз, Њујорк, Цирих и Истанбул.

Од Националната галерија информираат дека изложбата ја отвора темата за човековата поврзаност, надежта и можноста за обновување, повикувајќи ја публиката на лично доживување и интерпретација на изложените дела.

Поврзани вести