Skip to main content

Под мотото „Дали ни е гајле?“ почнуваат 34. Студентски средби „СКОМРАХИ“

Со претставата „Дома“ од Људмила Разумовска, во изведба на студентите по актерска игра на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) – Скопје, почнува 34. издание на Студентските средби СКОМРАХИ, кое годинава ќе се одржува под мотото „Дали ни е гајле?“.

Како што соопштуваат организаторите, меѓународната студентска театарска манифестација ќе трае од 14 до 18 ноември и ќе обедини студенти од драмски академии од Македонија, Словенија, Србија, Црна Гора, Белгија и Украина.

Отворањето е закажано во Македонскиот народен театар, а во наредните денови публиката ќе има можност да ги проследи претставите „Крал Лир“ од Љубљана, „Патувачкиот театар Шопаловиќ“ од Нови Сад, „Женска гардероба“ од Цетиње, „САКАМРАЗВОД.“ од Антверпен и „Чекајќи го Бекет“ од Киев.

Покрај театарската програма, предвидени се разговори за претставите, работилници, предавање, промоција на списанието „Арс академика“ и музичка програма.

Годинава за првпат ќе биде реализирана и програмата „СКОМРАХ размени“, која предвидува заеднички активности со студенти од Факултетот за ликовни уметности и Архитектонскиот факултет.

Организаторите посочуваат дека мотото „Дали ни е гајле?“ отвора простор за преиспитување на прашањата што ги засегаат младите и за театар кој ги проблематизира современите општествени теми.

Поврзани вести