
Три нови амбулантни возила наменети за потребите на Брзата помош, пристигнаа во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Возилата се опремени со современа медицинска опрема и ќе овозможат побрз транспорт на пациентите и подобри услови за работа на медицинскиот персонал. Директорот на Здравствениот дом „ Панче Караѓозов“ – Штип, Горан Андонов изјави дека со оваа набавка ќе се подобри здравствената заштита на жителите на Штип и Карбинци.
Трите нови современи амбулантни возила се дел од проектот 100 амбулантни возила од Министерството за здравството и Владата на Р. Македонија. Последната ваква набавка е во 2012 година, така што и те како е оправдано ваквите нови возила, со цел да се подобри квалитетот на здравствена заштита, да имам побрз транспорт на пациентите, а секако и подобри услови за нашите вработени. Тоа е инвестиција во спасени животи, побрз транспорт до повисоките здравствени институции и подобрување на условите на работа. Во моментот располагаме со 11 доктори, 11 возачи и 12 медицински сестри и шест амбулантни возила, во овој момент ги задоволуваме стандардите и целосната покриеност во општина Штип и општина Карбинци“, вели Андонов.
Пратеникот во македонското Собрание, Душко Иванов најави дека во наредниот период Здравствениот дом во Штип треба да добие уште едно амбулантно возило. Тој упати благодарност до Владата и Министерството за здравство, посочувајќи дека по 14 години повторно се набавуваат нови возила.
Според тоа што јас го имам како информација, здравствениот дом ќе има уште едно возило во текот на наредниот период, така да еве и јас сакам да изразам огромна благодарност до Влада, до ресорното министерството за набавката на овие современи возила. Фактот дека после 14 години се набавуваат нови возила укажува на различниот пристап и начинот на кој што се практикува власта во Македонија“, вели Иванов.

Лекарите и здравствениот персонал во Итната медицинска помош велат дека се задоволни од возилата, посочувајќи дека истите располагаат со современа опрема за згрижување, имобилизација и транспорт на повредени и критично болни пациенти.
Во овие возила имаме многу помедерна техника за имобилизација на скршеници, односно фрактури и други отворени или затворени повреди. Имаме дополнителен санитетски материјал кој што можеме да го користиме, а исто така и материјал кој што ќе го користиме за транспортот на пациентите, односно лежај и останати средства“, вели Сара Николова лекар во Брзата помош-Штип.
Со новите амбулантни возила, Итната медицинска помош во Штип добива подобри услови за побрза и поефикасна интервенција и згрижување на пациентите.

Македонски



