Skip to main content

Одржана првата форумска сесија за Буџетот во Пехчево

Општина Пехчево ја одржа првата сесија на Буџетскиот форум за 2027 година, на која граѓаните, претставниците на институциите и граѓанските организации имаа можност да ги презентираат своите предлози, потреби и приоритети за реализација на проекти од локално значење.

Форумскиот процес се спроведува со стручна и консултантска поддршка од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, чија експертиза придонесува за активно вклучување на граѓаните и транспарентно утврдување на развојните приоритети на општината.

Во рамките на дискусијата беа презентирани повеќе предлог-проекти, кои ќе бидат разгледани како потенцијални инвестиции за вклучување во општинскиот буџет за 2027 година.

Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, истакна дека целта е буџетот да се креира врз основа на реалните потреби на граѓаните, нагласувајќи ја важноста на отворениот дијалог и заедничкото утврдување на проектите што ќе придонесат за подобрување на условите за живот и локалниот развој.

Втората сесија на Буџетскиот форум е закажана за 11 декември 2026 година. На неа, врз основа на досега изнесените предлози и дискусии, ќе биде утврдена приоритетната листа на проекти што ќе бидат предложени за реализација во 2027 година.

Со спроведувањето на Буџетскиот форум, Општина Пехчево продолжува да го унапредува партиципативното буџетирање, давајќи им можност на граѓаните непосредно да влијаат врз креирањето на локалните развојни политики и распределбата на општинските средства. 

Поврзани вести