
Македонскиот краткометражен анимиран филм „Неми Филмови“, во режија на Крсте Господиновски, ја освои главната награда – Гран при за анимација на Меѓународниот фестивал на краток филм во Тимимун, Алжир, кој се одржа од 5 до 10 ноември.
Ова е најновото во низата меѓународни признанија за македонскиот филм, кој во изминатиот период беше награден и на фестивали во Индонезија, Унгарија и Бразил.
На CRAFT International Animation Festival, одржан од 23 до 28 октомври во Јогјакарта, Индонезија, „Неми Филмови“ доби специјално признание за најдобра кинематографија. Во образложението, жирито ги истакнало иновативниот филмски пристап и долгиот, непрекинат кадар, преку кој се развива суптилен критички осврт кон доаѓањето на звукот во кинематографијата.
Претходно, филмот доби и специјално признание во натпреварувачката програма „Мајстори“ на Primanima World Festival of First Animations, кој се одржа од 14 до 17 октомври во Будаерш, Унгарија.
На меѓународните успеси се надоврзува и признанието „Wreath of the Apedemak Brazil Tour“, доделено во рамките на Apedemak Brazil Tour на Sudan International Animation Film Festival, одржан на 1 ноември.
„Неми Филмови“ раскажува за созревањето на едно момче во мал киносалон на крајот од ерата на немиот филм. Неговиот татко, некогашна филмска ѕвезда, се обидува да ја зачува старата слава прикажувајќи исклучиво неми филмови.
Раскажан во еден непрекинат кадар, филмот ги истражува односот меѓу таткото и синот, приврзаноста кон минатото и неизбежноста на промените.
Со учество на повеќе од 60 фестивали и 20 освоени награди, „Неми Филмови“ продолжува да ја претставува македонската анимација пред меѓународната публика.

Македонски



