
Во просториите на ДПМ вечер ќе се одржи промоција на стихозбирката „Тапан на пат“ од Олга Панкина. Книгата, објавена во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“, ќе ја промовираат академик Влада Урошевиќ и д-р Владимир Мартиновски.
-„Тапан на пат“ е петта поетска книга на Олга Панкина која со своите естетски вредности претставува впечатлив творечки влог во дијалогот со македонската книжевност и значи своевидно збогатување на современата македонска поезија. Во својата рецензија д-р Владимир Мартиновски, меѓу другото, нагласува дека „славењето на поетската креативност преку паралелите со патувачките искуства во поезијата на Панкина е органски поврзано со идејата за уметникот како патник. Општо земено, животот во оваа поезија е сфатен како движење и патување. Следејќи ги непрекинатите преобразби на водата во природата, поетесата низ топосот на вечното патување ни го доловува и животот како пат без крај – се вели во соопштението од ДПМ.
Олга Панкина пишува поезиjа и кратка проза на руски и на македонски jазик. Авторка е на поетските збирки: „Предзимје“, „Паралелни светови“, „Плисок“, „Меѓусебна потрага“, и збирка раскази „Сината птица“. Од областа на македонистиката авторка е на повеќе од 80 научни реферати и статии. Ги објавила книгите есеи „Размислувања за литературата“ и „Македонската книжевност низ призма на преводот“.
Авторка е на преводите на 82 посебни книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 300 македонски писатели презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Панкина е добитничка на голем број награди и признанија: медал „Державин“, „Кристално перо“, медал „Чехов“, Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури „Златен витез“, медал „Грибоедов“, „Jугра“, „Златен витез“, лауреат е на литературните конкурси „Степска лира“, „Jасна Полjана“, државна награда медал „Пушкин“ (Русиjа); „Арт Глобал“ (Хрватска); „Златно перо“, „Григор Прличев“, медал „Блаже Конески“, „Гоцевата мисла“, „Арт Феникс“, „Почесно Рациново признание“, „Sвезден македониум“, државна награда Медал за заслуги за Македониjа, „Лингва“,„Ацо Караманов“ и други.

Македонски



