Skip to main content

Гаши: ЕУ беше неправедна кон земјава и пропушти шанса преку неа да прати порака до целиот регион

„360 степени“

Претседателот на Собранието Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, изјави дека Европската Унија сторила неправда кон Македонија со тоа што по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на уставното име не ѝ овозможила на земјава побрзо да напредува во евроинтеграциите. Истовремено, Гаши вели дека политичките партии на Албанците се подготвени да ги поддржат уставните измени, но дека внимателно пристапуваат кон ова прашање поради неговата поврзаност со македонскиот идентитет.

На прашањето дали отсуството на земјава од патоказите за напредок во процесот на проширување што Европската комисија ги претстави за четирите најнапредни земји во процесот (Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина) е неправда или одраз на реалноста, Гаши одговори дека се присутни и двата елемента, но дека, како што рече, преовладува неправдата.

Има дел од реалноста, но повеќе би рекол дека е неправда. Мислам дека кон нашата држава е направена неправда, со тоа што после донесувањето на Преспанскиот договор, менувањето на уставното име, ваков голем компромис, ниту во регионот, ниту пошироко, во Европа не е направено подолго време, не и беше овозможено на земјава побрзо да напредува – вели Гаши.

Според претседателот на Собранието, ЕУ пропуштила можност преку примерот на Македонија да испрати порака дека државите кои се подготвени на големи компромиси за решавање на билатералните спорови можат да очекуваат побрзо напредување кон членството.

Гаши оценува дека Брисел не се одважил на таков чекор.

Велам дека требаше да се охрабрат, мислам дека пред руската инвазија во Украина, во Европската Унија имаше големи дилеми дали треба да има проширување. И наоѓаа разни оправдувања зошто не би требало да го има. Но мислам дека после оваа руска инвазија во Украина, откако се увиде дека Европа може пак да биде ставена под голем предизвик, воен, безбедносен и така натаму, се дојде до значење и се увиде дека овој регион, Југоисточна Европа е дел од Европа и сега веќе не треба да се гледа само од интегративен аспект туку и од безбедносен. И мислам дека ако ја видиме добро геополитичката карта, Европа е веќе свесна за тоа и сега се обидува да го поправи тоа, но мислам дека предалеку се отидени некои работи и во однос на еве, во нашата држава, приликите кои дојдоа до францускиот предлог и потоа политичките настани на оваа опозиција, доаѓање на власт на една политичка партија која беше против тој договор, дава политичка тежина и не дава можност така лесно да се помине – истакна Гаши во интервјуто. 

Според него, партиите на Албанците се за уставните измени, но не сакаат да се нарушат меѓуетничките односи. 

Поврзани вести