
Со фестивалот „Кокино – тврдина на Сонцето“, почна годинешното одбележување на 25 години од откривањето на археолошкиот локалитет Кокино. Локалитетот, од откривањето во 2001 година, се наметна како еден од значајните археолошки локалитети во земјава и регионот.

Истражувањата укажуваат дека локалитетот во бронзеното време имал функција на светилиште, но и простор од кој се следеле движењата на небесните тела. Комбинацијата на овие две функции е клучна за уникатноста на Кокино, единствен локалитет на територијата на целата држава и пошироко. Во 2005 година НАСА го вклучи Кокино на картата на 15-те најстари опсерватории во светот, заедно со Стоунхенџ, Абу Симбел, Ангкор Ват и Мачу Пикчу.
Откривањето на Кокино во 2001 година
Есента 2001 археологот Јовица Станковски од НУ „Музеј Куманово“ добива информација дека на Татиќев Камен при нелегални ископувања биле пронајдени поголем број фрагменти од праисториска керамика. Тој реагирал бргу, обезбедил дозвола за истражување и пренаменил дел од средства за сондажно истражување на Татиќев Камен, раскажува сега археологот Дејан Ѓорѓиевски од кумановскиот Музеј, кој тогаш работел како студент. Првото ископување траело неколку дена, но резултатите биле невообичаено богати. Археологот Станковски нашол големо количество археолошки материјал, пред сè,керамика, кој бил донесен во „Музеј Куманово“.

Јас во тоа време бев студент и работев токму на обработката на керамиката од Стрновац; имав среќа да бидам меѓу првите што ги видоа наодите од новооткриениот локалитет. Уште на почетокот беше јасно дека е значајно праисториско наоѓалиште, но не и што точно претставува Кокино. Тоа е важно денес да се нагласи бидејќи понекогаш во јавноста се создава впечаток дека веднаш во 2001 година биле препознаени и светилиштето и астрономската функција. Научниот процес не се одвива така. Во првите години археолошките истражувања во голема мера се водеа како истражување на бронзенодопски локалитет – вели Ѓорѓиевски.

Од Управата за заштита на културното наследство велат дека археоастрономскиот локалитет Кокино е номиниран за културно наследство на 31 јануари 2009. Опишан е како мегалитска опсерваторија „Кокино“, која се наоѓа во североисточниот дел на Македонија, на 19 километри североисточно од градот Куманово и во близина на селото Кокино, на територија на општина Старо Нагоричане.

Локалитетот припаѓа на општината Старо Нагоричане и зафаќа површина со димензии од сто метри во правец исток – запад и 50 метри во правец север – југ, на врвот на импозантниот карпест рид наречен Татиќев Камен. Локалитетот е на надморска височина од 1.013 метри. Кокино претставува локалитет со исклучително значење за културното и природното наследство и препознатлив туристички потенцијал во Македонија.
Од археолошко наоѓалиште до праисториско светилиште
На почетокот од истражувањето Станковски вклучил и колеги во дискусијата за локалитетот, проф. Драги Митревски од Филозофскиот факултет во Скопје, Александар Булатовиќ од Археолошкиот институт во Белград, кој тогаш работел во музеј во Врање.

Со проширувањето на ископувањата стана јасно дека археолошките контексти не одговараат на она што би го очекувале од класична бронзенодопска населба. Значајни беа концентрациите на садови и друг материјал во специфични простори, начинот на нивното депонирање и повторувањето одредени археолошки ситуации. Наместо траги што доминантно би упатувале на секојдневен живот, куќи, континуирани подови, домашни огништа, отпадни јами и слично, на Северната тераса се појавуваа контексти што сè повеќе упатуваа на намерни и повторувани ритуални активности. Околу 2005 година веќе постоеја сериозни аргументи Кокино да се разгледува како светилиште, а големите археолошки кампањи од 2007 година значително ја зацврстија таа интерпретација – вели Ѓорѓиевски.
Паралелно со археолошките се развивале и астрономските истражувања. Првите претпоставки за можни астрономски позиции и за ориентацијата на одредени карпести форми ги разгледувал Станковски заедно со Алексеј и Пенка Стоеви од Бугарија по што истражувањата продолжиле и со Ѓоре Ценев, подоцна Станковски со проф. Олгица Кузмановска.

Од денешна перспектива, јас би рекол дека најинтересната приказна за Кокино не е некаков единичен момент на откритие, туку постепеното разбирање на локалитетот. Од еден случајно откриен праисториски локалитет, преку повеќегодишни археолошки и археоастрономски истражувања, се дојде до сознание дека пред нас имаме многу покомплексен простор, место на ритуални активности, со исклучително специфична организација на природниот карпест пејзаж и со елементи што биле поврзани и со набљудување на небесните појави – вели Ѓорѓиевски.
Карпестиот пејзаж и тајните на древните набљудувања
Од Управата за заштита на културното наследство објаснуваат дека ридот е формиран од вулкански карпи. Има конусна форма со седло на врвот и припаѓа на вулканската област Кратово – Злетово. Од изгаснатиот вулкан се зачувани вулканскиот конус, страничните секундарни паразитски изливи и вулканското грло (скаменета лава во долниот вулкански канал).

Излиената лава е со среден карактер и андезитски состав, при што се забележува изразена столпчеста (призматична) структура и нагласени пукнатини. Природната склоност на овие андезитски карпи да пукаат вертикално и хоризонтално довела до создавање речиси идеални кубични блокови, кои праисториските жители лесно можеле да ги обликуваат и мудро да ги користат како места за набљудување на движењето на Сонцето и Месечината, како и за извршување верски обреди. Големиот број пронајдени артефакти во однос на формата, материјалот и начинот на изработка покажуваат дека потекнуваат од иста култура, иста целина.

За локалитетот Кокино беше изготвен нацрт-план за управување (Куманово, 2008). Тој беше изработен од Националната установа „Музеј Куманово“ и до денес тоа е единствениот стратешки документ врз чија основа треба да продолжи понатамошната правна процедура – вели директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.

Од Министерството за култура и туризам сметаат дека Кокино претставува локалитет со исклучително значење за културното и природното наследство и препознатлив туристички потенцијал во Македонија. Во туристичката промоција локалитетот Кокино континуирано е присутен како една од атракциите со кои државата се претставува пред домашната и меѓународната јавност.
Токму од тие причини постои значаен потенцијал Кокино дополнително да се развива како дел од понудата поврзана со културниот, археолошкиот и астротуризмот – велат од Министерството.
Археолошките наоди и ритуалните траги од бронзеното време
Археолошката збирка од Кокино е исклучително значајна, составена од керамички садови, предмети, уникатни или сосема ретки според опремата. Заедно со материјалот од Пелинце, наодите од Кокино денес претставуваат една од клучните референтни точки за проучувањето и хронологијата на бронзеното време во североисточниот дел на Македонија и пошироко во овој дел од централниот Балкан.

Но, кај Кокино предметите сами по себе не се најважниот дел од приказната. Исклучително е важен контекстот во кој тие се пронајдени – вели Ѓорѓиевски.
На Северната тераса биле документирани археолошки ситуации што тешко може да се објаснат како последица од секојдневен живот. Археолозите забележале намерно депонирање садови и други предмети во природни или дополнително обработени карпести простори, нивно фрагментирање, повторување слични дејства и користење исти точки во подолг временски период.

Токму поради тоа зборуваме за ритуален простор и светилиште, а не само за место на кое случајно се акумулирал археолошки материјал – вели Ѓорѓиевски.
Локалитетот не завршува со бронзеното време. На Јужната тераса има и траги од железнодопска населба. Тоа покажува дека Татиќев Камен бил значаен простор во разни периоди и дека неговата функција се менувала со теклот на времето. Од аспект на археоастрономијата, најпознати се таканаречените престоли и системот на карпести процепи и маркери, кои се поврзуваат со набљудување на изгревите на Сонцето и Месечината во определени моменти од годината. Особено внимание привлекуваат позициите поврзани со соларниот циклус и определени календарски точки.

Но и тука мислам дека Кокино треба да се претставува како целина, не како камена опсерваторија изолирана од археологијата, туку како праисториски сакрален пејзаж во кој ритуалот, карпестиот простор, набљудувањето на природните и небесните појави и материјалната култура, најверојатно, биле меѓусебно поврзани. Токму таа комбинација го прави Кокино толку специфично. Ако ги одвоиме керамиката, ритуалните контексти, престолите и астрономските маркери едни од други, губиме голем дел од смислата на локалитетот – вели Ѓорѓиевски.

Некои од посетителите обожаваат да го посетат Кокино на летната долгодневица и на зимската краткодневица. Покрај двата солстициуми, Кокино има маркер и за пролетната и за есенската рамноденица. Поради оваа исклучителна прецизност при мерење на времето и креирање лунарно-соларен календар, американската вселенска агенција НАСА го рангира Кокино како една од најстарите мегалитски опсерватории во светот.
Истражувањата продолжуваат, но не треба да се ископува секој дел
Систематските археолошки истражувања на Кокино почнаа во 2001 година и траеја до 2015 година. Првите кампањи ги утврдувале карактерот, хронологијата и распространетоста на локалитетот по што истражувањето ги опфатило и деловите што имале потенцијал за разбирање на функцијата на Кокино.
Најмногу внимание беше посветено на Северната тераса. Тоа е просторот каде што беа документирани најголемиот број контексти што ги поврзуваме со ритуални активности и токму оттаму произлегува значителен дел од археолошките аргументи за интерпретацијата на Кокино како светилиште. Истражувана е и највисоката зона на локалитетот, таканаречената акропола, но и Јужната тераса. Таа е особено интересна бидејќи таму археолошката слика е поинаква и имаме елементи што се поврзуваат со активности на населби, особено во железното време – вели Ѓорѓиевски.

Добар дел од репрезентативниот дел од археолошкото јадро е истражен, но научната приказна продолжува кон западниот дел од ридот и кон железнодопската населба на јужната траса. Археологот Ѓорѓиевски вели дека треба да се направи разлика меѓу неископано и неистражено.
Современата археологија не подразбира дека целта е буквално да се ископа секој квадратен метар. Дел од локалитетот треба свесно да остане недопрен и за идните генерации, кои ќе располагаат со нови методологии, недеструктивни техники и технологии што ние денес можеби ги немаме. Затоа во иднина би требало многу внимателно да се определуваат нови археолошки кампањи, тие да бидат водени од конкретни научни прашања, а не само од желбата да се прошири ископаната површина – вели Ѓорѓиевски.
Процесот за номинација/вклучување на Кокино на листата на УНЕСКО
За локалитетот Кокино, иако е подготвена номинација на неколку стотини страници, тој сè уште се наоѓа на тентативната листа на УНЕСКО. Тентативната или индикативната листа претставува официјален попис на добра што земјата членка има намера да ги поднесе за номинација за листата на светското наследство на УНЕСКО.

Постоењето на тентативната или на индикативната листа е предуслов за номинација, објаснуваат од Управата, бидејќи Комитетот за светско наследство не може да оцени дали некое добро треба или не треба да се впише на главната листа доколку тоа претходно не било вклучено во индикативната листа на соодветната земја. Всушност, тоа е алатка за планирање, која им помага на владите да ги планираат идните номинации во период од пет до десет години. Тентативната листа на Македонија ги опфаќа црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново (27.11.2020), археоастрономскиот локалитет „Кокино“ (30.1.2009), пештерата Слатински Извор (24.6.2004) и Маркови Кули (24.6.2004).

Секоја од земјите членки може да ги прегледува и ажурира своите листи во секое време, а насоките препорачуваат преглед најмалку на секои десет години. За жал, изминатите години воопшто не било посветено внимание на оваа тентативна листа, последното ажурирање се случило во 2020 година со вклучувањето на црквата „Св. Ѓорѓи“ од Курбиново на оваа листа – вели Честоева.
Десет до петнаесет илјади посетители годишно
На Кокино, на годишно ниво, според процените на Музејот, има од 10 до 15.000 посетители, вообичаено странци, но и македонски и посетители од регионот. Патот е асфалтиран, тесен, но може да се разминат два автомобили.

Патот е добар, во надлежност на ЈПДП. Често и самите гледаме посетители, вљубеници во вакви локалитети од светот, претежно Европа. Доаѓаат поединечно, понекогаш и како група. Општината вложи во изградба на соседни патишта, кои се поврзуваат со регионалниот пат, кој води кон Кокино. Во овој период имавме многу млади луѓе, авантуристи, кои престојуваат во околината на Кокино и, генерално, во нашата општина – вели градоначалникот на општина Старо Нагоричане, Мирослав Славковски.

На Кокино нема инфраструктура, центар за посетители. Во 2015 година Владата ги усвои информацијата и акцискиот план за проектот „Кокино – македонски бренд“. Тогаш беше предвиден многу поширок систем, пристапни патеки и регулирани правци за движење на посетителите, заштитни огради, информативни табли и материјали и центар за посетители со изложбени, едукативни и други функции. Тогаш почнаа и некои административни активности.
Земјиштето како пречка за инфраструктурата
„Музеј Куманово“ има право на трајно користење и управување со заштитеното добро и неговите контактни зони. Кокино е прогласено за културно наследство од особено, односно исклучително значење со одлука на Владата од 26 јануари 2010 година, а од 30 јануари 2009 година се наоѓа и на тентативната листа на УНЕСКО.

Но, земјиштето, кое е потребно за нормално функционирање на инфраструктурата, не се совпаѓа целосно со просторот со кој управува Музејот. Дел од земјиштето од асфалтниот пат кон археолошкиот локалитет, просторот што денес практично се користи како паркинг, како и делови од пристапот, се поврзани со приватни катастарски парцели – вели Ѓорѓиевски.
Во самиот заштитен археолошки простор не може, едноставно, да се гради центар за посетители, паркинг или друга инфраструктура.
И не би требало. Автентичноста на локалитетот, археолошките контексти и природниот пејзаж мора да имаат апсолутен приоритет. Затоа проблемот не е само „да најдеме пари и да изградиме нешто“. Првин мора да се решат институционалните, урбанистичките и имотноправните предуслови – нагласува Ѓорѓиевски.

Во рамките на одбележувањето на 25 години од откривањето на Кокино, „Музеј Куманово“ во 2026 година ангажира правен експерт, кој изработи детална стручна анализа и практичен институционален патоказ. По решавањето на земјиштето, може да се зборува за проектна документација, дозволи, јавни набавки и изградба.

Со други зборови, правно и институционално решение постои. Не е лесно и не може да се реализира со една одлука на „Музеј Куманово“ затоа што во процесот се вклучени повеќе државни институции. Но не е ниту нерешливо. Потребна е институционална одлука на државата дека Кокино повторно ќе стане приоритет. Поважно е да се воспостави одржлив модел во кој ќе се решат пристапот, паркирањето, безбедноста, основната инфраструктура, интерпретацијата и управувањето со посетителите, без да се нарушат археолошката вредност и природниот изглед на Татиќев Камен – вели Ѓорѓиевски.
Промоција на Кокино и можностите за развој на астротуризмот
Министерството за култура и туризам смета дека за целосно искористување на овој потенцијал неопходно е локалитетот да добие соодветни услови за прием на домашни и странски посетители. Во таа насока, значајно е прашањето за унапредувањето на пристапната инфраструктура, вклучително и пристапниот пат, паркинг-просторот, пешачките патеки, информативната сигнализација и другата инфраструктура потребна за безбедни и организирани посети.

Создавањето соодветен пристап и паркинг за посетителите е оправдано и потребно, а реализацијата на конкретните инфраструктурни зафати бара координација меѓу надлежните институции, Општина Старо Нагоричане и другите релевантни чинители – велат од Министерството.

Кокино е континуирано застапено во промотивните материјали со кои Македонија се претставува на туристичките саеми и други промотивни настапи во земјата и странство. На националните саемски штандови локалитетот се промовира преку фотографии, каталози и други визуелни и промотивни содржини. Министерството инсистира и на негово поврзување со други археолошки, мегалитски и астрономски локалитети во Европа и пошироко, што ќе придонесе кон создавање тематски туристички рути и поголема меѓународна препознатливост на Кокино.

И по 25 години од откривањето, Кокино е вредност што треба дополнително да се афирмира и да се направи подостапна за посетителите. Тоа не е само локалитет од исклучително археолошко и астрономско значење, туку и потенцијален двигател на локалниот и регионалниот туристички развој. Министерството за култура и туризам, препознавајќи го значењето на Кокино, и во иднина ќе продолжи со негово соодветното претставување и промоција во рамките на туристичката понуда на земјата, со цел неговиот потенцијал да биде уште повеќе искористен за развој на културниот, археолошкиот и астротуризмот – велат од Министерството.
Александра Максимовска / МИА
Фото: МИА, НУ Музеј, WikipediA, Министерство за култура и туризам, семејство Станковски, Дејан Ѓорѓиевски

Македонски



