
Во Македонската филхармонија во четврток, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот „Ехо“, на кој како солист ќе настапи грузискиот пијанист Давид Хрикули, еден од истакнатите млади музичари на меѓународната сцена.
Со оркестарот ќе диригира францускиот маестро Сами Рашид, а публиката ќе има можност да ги слушне Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов и Симфонијата бр. 4 во Ес-дур од Антон Брукнер.
Хрикули е роден во Грузија во 2001 година, а музичкото образование го продолжува на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид, каде што студира кај Станислав Јуденич. Во 2022 година ја добил дипломата за најистакнат студент на својата катедра, која му ја врачила кралицата Софија.
Меѓу неговите најзначајни успеси е пласманот во финалето на Меѓународниот пијано-натпревар „Шопен“ во 2025 година. Претходно, во 2024 година, ја освоил првата награда на Меѓународниот натпревар за пијано и оркестар во италијанскиот град Канту, како и првата награда и Наградата на публиката на натпреварот во Виго, Шпанија.
Како солист настапувал со повеќе реномирани оркестри, меѓу кои Грузиската филхармонија, Израелската филхармонија и Московската филхармонија, а концерти одржувал низ Европа.
Диригентот Сами Рашид, пак, ја започнува третата година како асистент-диригент на Бостонскиот симфониски оркестар, под раководство на Андрис Нелсонс. Во сезоната 2025/26 има најавени гостувања со оркестри во Ротердам, Брисел, Хамбург и Лил, како и дебитантски настап во Кина.
Концертот „Ехо“ во Македонската филхармонија ќе понуди средба со две значајни дела од симфонискиот репертоар, со млад пијанист кој веќе настапува на меѓународните концертни сцени.

Македонски



